Членството на Украина во Европската унија може да ја принуди ЕУ да се откаже од идејата за членство на Турција во таа организација, пишува весникот „Политико“.
Се нагласува дека поради ова ќе биде олеснување за некои членки на ЕУ доколку во вториот круг од претседателските избори во Турција победи Реџеп Таип Ердоган, а не неговиот ривал од опозицијата Кемал Киличдароглу, кој е за поблиска интеграција со ЕУ.
– Во одреден момент ќе треба да ставиме до знаење дека Украина и Западен Балкан се последни кои влегуваат во ЕУ. Незамисливо е ЕУ да ги прифати и Турција и Украина, бидејќи пазарот нема да го издржи тоа – изјави неименуван висок европски функционер.
Како што наведува весникот, најверојатно лидерите на земјите од ЕУ на самитот во декември официјално ќе ги започнат преговорите за членство со Украина.
На 28 февруари 2022 година, претседателот на Украина ја поднесе апликацијата за членство на Украина во ЕУ. Киев доби кандидатски статус во јуни. Европската комисија во февруари 2023 година изјави дека Украина како целина сè уште е на почетното ниво на подготовка за членство.
Во април, ЕК изјави дека нема кратенки за влез на Украина во ЕУ.
Првиот круг од претседателските избори се одржа во Турција на 14 мај, каде Ердоган освои 49,51 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат, лидерот на опозицијата Кемал Киличдароглу 44,88 отсто.
Вториот круг е закажан за 28 мај.