Политиката раздвојува, уметноста спојува: Куновска, Жугиќ и Дац повторно заедно на сцената!

by Fokus

По подолго време заедно на матичната сцена ќе играат актерите Софија Куновска, Драган Спасов Дац, Јелена Жугиќ и Мето Јовановски, информираат од Драмски театар.

Станува збор за претставата „My name is Goran Stefanovski“, во режија на Бранислав Миќуновиќ е своевидна интимна посвета на режисерот на пријател и еден од најзначајните драматурзи на екс ју и европскиот театарски простор.

Како што известуваат од Драмски, по најавената премиера од 31-ви март, следуваат претстави на 11-ти април и на 27-ми април, со почеток од 20 часот.

-Од 1974 година (Јане Задрогаз) до 2013 година (Огнени јазици), во Драмскиот театар беа поставени дванаесет претстави по текстови на Горан Стефановски. Затоа, не е чудно што во дивизијата има голем број актери и актерки кои покрај деловната соработка имаа можност да воспостават пријателски однос со Горан – информираат од театарот.

Покрај Дац, Куновска, Јовановски и Жугиќ, актерската екипа ја сочинуваат и Стефан Вујисиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Игор Ангелов, Златко Митрески, Соња Станболџиоска, Дамјан Цветановски, Ана Димитрова и Саша Димитриевска.

Софија Куновска долги години беше дел од СДСМ, а во 2016 година поднесе оставка од местото претседател на Градската организација на СДСМ.

Јелена Жугиќ пак, своевремено беше на функцијата директорка на Театар Комедија, и претседателка на Градскиот комитет на Унија на жени во ВМРО-ДПМНЕ.

Драган Спасов Дац беше директор на Македонскиот народен театар, каде поднесе оставка во 2018 година, откако во сообраќајна несреќа под дејство на алкохол во населбата Кисела Вода удри пешак.

Куновска и Дац беа дел од протестите на Шарената револуција, додека пак Жугиќ остана запамтена по објавата на социјалните мрежи во која побара гумени куршуми за демонстрантите на Шарената револуција.

-Доста е! Зошто државните институции не ги бранат општествените добра! Каде се гумените куршуми! – напиша таа, но по многуте јавни реакции, ја избриша објавата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости