Политиката не е бизнис, народот не е марионета!

by Fokus

Ќе дојде моментот кога стравот нема да биде тој што ќе ги определува приоритетите, туку тоа ќе биде волјата да се живее во демократско и просперитетно општество. Ништо не е посилно од моќта на поединецот, а особено кога се обединуваат истомислениците

Арбен ТАРАВАРИ

Поделбата меѓу луѓето во нашата држава е јасна, видлива и изразена, како ден и ноќ. Ми се чини нема да згрешам ако речам меѓу Владетелите и Другите. Кога велам „Другите“ мислам на луѓето кои се заложници на оние што владеат. Во поширока смисла на зборот.

Сите нам ни е јасно дека моќта што со себе ја носи политиката носи и различно разбирање за неа. Е, тука лежи проблемот, односно тогаш кога моќта се искористува за цели кои се поразлични од оние за општото добро. И тогаш граѓаните се доведуваат во заблуда.

Никако да се разбере дека политиката не е бизнис, ниту, пак, треба да биде земјиште за чија што тапија луѓето треба да се убиваат. Политиката не треба да биде комплексна, мултиполарна, невронска мрежа, ниту, пак, банкарска сметка надуена од парите што не му се дадени на оној којшто не може да им купи ниту леб на своите деца.

„НЕВИДЛИВИТЕ“ РАЦЕ

Бенџамин Барбер, еминентен политички теоретичар, еднаш рекол: „Не го делам светот на слаби и силни, ниту пак, на успеси и неуспеси. Светот го делам на оние што учат и оние што не учат“.

Честопати размислувам за оваа негова изјава. Грешката што ја прават нашите политичари овде е тоа што го игнорираат фундаменталниот услов на политиката, дека таа се одвива меѓу луѓето, при што секој од нив може да има удел и влијание врз политичките процеси.

Арно ама, дали е тоа така? Кога ќе ја напуштиме матрицата на „Владетелот и Другиот“, на „Моќниот и Слабиот“, на „Силниот и обесправениот“? Да се биде политичен значи да се оствари една можност за подобрување на човечката егзистенција.

Но, и тука имаме погрешно разбирање, овој концепт да се разбира екстремно ригидно и погрешно и да се размислува САМО за својата и егзистенцијата на ближните. И на тој начин, Другите се изолираат и со самото тоа им се крати можноста да дејствуваат. Или, пак, се движат како марионети кои ги придвижуваат „невидливите“ раце скриени зад сцената.

„КАЕЊЕТО СЕ НАГРАДУВА“

Но, фактот дека човекот е способен да дејствува значи дека од него може да се очекува и неочекуваното, дека е во состојба да го изведе она што е бесконечно неверојатно. Ова е тоа што го забораваат политичарите коишто имаат погрешно разбирање на политиката и нејзината моќ.

Оние коишто забораваат дека да се биде политичен значи сè да се решава со помош на зборови и убедување, а не преку сила и насилство. Тие коишто знаат дека кога ќе го заробат умот на народот со страв тој е неспособен да дејствува. Но, се залажуваат.

Забораваат дека ќе дојде моментот кога стравот нема да биде тој што ќе ги определува приоритетите, туку тоа ќе биде волјата да се живее во демократско и просперитетно општество. Ништо не е посилно од моќта на поединецот, а особено кога се обединуваат истомислениците.

За оние, пак, коишто се наоѓаат помеѓу политичарот кој ги разбира нештата и оној којшто ја (зло)употребува својата моќ за погрешно владеење, имам само една порака. Ќе ги потсетам на зборовите на Исмаил Кадаре. Тој вели: „Од антрополошки аспект гледано, каењето се наградува“.

 

Поврзани новости