Втора седмица по ред намален е бројот на посетители од Бугарија на градскиот пазар во Делчево. И оваа сабота како и претходната, пазарџиите се пожалија дека ја нема вообичаената врвулица со гости од соседството, што според нив можеби се должи на неодамнешните политички случувања во двете земји.
-Не можеме да тврдиме со сигурност колку последните политички случувања влијаеја на посетата на државјани од Република Бугарија, но мислам дека барем последниот месец значајно е намален бројот на Бугари на саботниот пазар во Делчево. Ние немаме проблем со нив, бидејки тие се наши муштерии, купуваат речиси од се што продаваме и имаме огромна корист од тоа, вели трговец од Делчево.
Последната поголема група посетители од Бугарија беше забележана на денот на одбележувањето на роденденот на великанот Гоце Делчев. Тие тогаш потенцираа дека политика не ги интересира, и дека во Делчево кој е прв град по поминувањето на бугарско-македонската граница доаѓаат исклучиво по работа, да си купат нешто од пазарот и да посетат стоматолог, бидејки цената на овдешната стоматолошка услуга е поевтина од онаа во Бугарија.