Додека не се создаде ефикасен корективен механизам, единствена борба против корупцијата ќе биде повикот и фалбата на најкоруптивните поединци како согореле во борбата против корупцијата во која никој не верува, па ни тие самите
Звонко ДАВИДОВИЌ
Корупциски скандали речиси секој ден ги потресуваат сите довчерашни југословенски републики, кои денес претендираат и се обидуваат да бидат држави.
Во последните години, како на филмска лента, излегуваат скандали на површина и речиси да нема област на општественото живеење во која не се присутни. Причините за корупција според некои автори се културолошки и системско институционални.
Културолошките причини се длабоко вкоренети во начинот на живот во голем број средини, каде што корупцијата е начин и средство за живот. Другите, пак, системско институционални се такви причини со кои устројството на системот ја овозможува и охрабрува политичката корупција.
Не постои земја во која нема корупција, но во демократски високоразвиените земји таа е релативно ниска и се држи под контрола, додека во таканаречените транзициски земји, меѓу кои, е и нашата, главен извор на корупција се политичките партии.
ВО ПАРТИЈА СЕ ВЛЕГУВА ОД КОРИСТ
Одамна е минато време во кое членовите на партиите се регрутираат поради идеологијата и уверувањето, туку истите пристапуваат поради интерес или корист. Политичките партии од масовни политички партии се преобразија во професионална избирачка партија, картелска или кадровска партија, која првенствено е насочена на избори, избирачи и на медиумски тип на кампањи.
За разлика од некогашните масовни партии, кои беа ориентирани кон идеолошко програмски цели, социјални темели кои гарантираат стабилност и трајност и големо влијание на членството како израз на демократичноста, денешните партии се слабо, или воопшто, социјално вкоренети, отуѓени се од општеството и се повеќе се потпираат на државата.
Членството е сѐ помалку важно и маргинализирано е, и има многу малку влијание на политиката на партијата, која ја креира една мала елитистичка група во неа која има олигархиска структура.
Масовното членство некогаш носело евтини кампањи, токму поради нивното волонтерско ангажирање, но денес кога партиите се ориентирани кон медиумски кампањи, кои се страотно скапи, потребни се дополнителни извори на средства кои најчесто и не се законски и легални, а ниту транспарентни.
Покрај големите средства што се издвојуваат за рекламите во медиумите, потребни се и дополнителни средства за да се ангажираат медиумски професионалци, од оние за односи со јавноста до спин професионалците, кои се задолжени за манипулации на јавното мислење.
ПАРТИЈА = ДРЖАВА
Самите партии стануваат скапи поради развивање на професионални апарати чии припадници наместо идеолошка мотивација имаат само едно за цел – богатење. Покрај оваа плодна почва за корупција, дополнително истата ја поттикнува и тоа што партиското раководство е надвор од секоја контрола на членството. Кога таква партија и таквото нејзино раководство ќе дојдат на власт, тие располагаат со огромни средства и огромна моќ без вистинска контрола на финансиско материјалните ресурси што им стојат на располагање.
Ако на ова се додаде и знакот на равенство помеѓу партијата и државата, искомбинирано со доминација на извршната власт во која е слиена партиската елита и нејзина супремација над законодавната и судската власт, кои ѝ се само сервиси, корупцијата е родена.
Недопирливоста на високите функционери и неотчетноста се само дополнителен елемент за затскривање на корупцијата, но и причина за поттикнување и охрабрување на корупцијата. Посебни и широки теми се и поврзувањата и испреплетеноста на политичките партии со бизнис-елитата и тргувањето со политички одлуки и решенија, како и поврзаноста на политичките структури со криминалното подземје што само го поттикнува, но и го усложнува процесот на истата.
Само со создавање независно и самостојно судство како трета власт и контролен и корективен механизам на извршната и законодавната власт, но и репресивен механизам на корумпираните функционери, можеме да зборуваме за отпочнување на вистинска борба против корупцијата. Со создавањето и осамостојувањето тела и институции за контрола на финансиските текови и работење на политичките партии, но и со создавањето темели и услови за нивна полна самостојност надвор од дофатот на политичките структури, можеме да се надеваме на отпочнување на процесот за ставање на корупцијата под контрола.
До тогаш единствената борба против корупцијата ќе биде повикот и фалбата на најкоруптивните поединци како согореле во борбата против корупцијата во која никој не верува, па ни тие самите.