Политичкиот притисок врз ССМ ќе се одрази во извештајот за напредокот на Македонија

by Фокус

Битката за повисока минимална плата во Македонија е легитимна и праведна, рече Теа Јарц од Европската конфедерација на синдикати. Ова е најголемата синдикална организација во Европа со 45 милиони членови и Јарц најави дека ќе ја информира Европската комисија за политичките притисоци врз ССМ. Тоа, според неа, ќе се одрази на извештајот за напредокот на Македонија.

-Да се биде синдикалец е човеково право и право на работниците. Никој не смее да биде напаѓан поради тоа. Особено во земјите во процесот на проширување кои преговараат за да се зачленат во ЕУ. Тие мора да дадат одговор на тие прашања.

Ние сме во контакт со Европската Комисија која секоја година објавува извештај за напредокот и во тој извештај ние ја известуваме ЕК за тоа каква е состојбата со социјалниот дијалог.

Ако социјалниот дијалог не се почитува во тие земји, ние тоа го пријавуваме до ЕК и тоа ќе биде отсликано во извештајот за напредокот. Од тој извештај зависи како ќе напредува земјата кон ЕУ и кои финансии ќе ги добие за поддршка на реформите – рече Јарц.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, рече дека минималната плата во Македонија е навистина ниска.

-365 евра изнесува денеска и само со законското усогласување би се издигнала на 395 евра со што повторно би била најниска во целиот регион, што се плашиме, како ССМ, дека ќе доведе до и те како забрзано иселување на квалификуваните работници – рече тој.

ССМ бара најниската плата да биде 30 илјади денари.

Поврзани новости