Политички обвинувања меѓу власта и опозицијата предизвика прашањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој ја праша власта каде се криел поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков ако бил во Скопје, како што тврди Владата, во денвоите кога го немаше.
На инсистирањето на опозицијата премиерот Зоран Заев да каже каде се криел Мијалков, почнаа обвинувањата меѓу партиите. Заев рече дека мисли дека бил во Белата палата, каде му се чувале уште простории, а ВМРО-ДПМНЕ пак одговори дека можеби се криел во Владата или штабот на СДСМ.
-Според Владата, тој бил во Скопје, а според наши информации ја напуштил државата на север и се вратил. Ако ја прифатиме логиката на државата дека бил во Скопје, логично прашање е каде бил во Скопје, ако не бил пронајден во неговиот дом. Прашање е каде бил доколку бил во Скопје, дали е лоцирана куќата или станот каде што бил и, ако е лоциран, зошто не е извршен претрес? праша Николоски.
На прашањето Заев ги повтори информациите дека сите докази укажувале дека Мијалков бил во Скопје.
-Сите докази кои се запленети во цела постапка покажуваат дека неделата излегува од „Мериот“, пола час е околу „Мериот“ со женско лице и уште тројца, попладне оди кон „Тодор Александров“ 69, каде што му е едно од живеалиштата, до доставување на налогот бега од својот дом, веројатно во соседни објекти, соседно маало, но е тука. И тоа е јасно, рече Заев.