Новинарски организации и граѓански здруженија од медиумскиот сектор во Македонија, категорично се спротиставуваат на обидите за враќање на државното рекламирање во медиумите пред изборите, преку скратена постапка и со злоупотреба на европското знаменце.
„Станува збор за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка кој е на второ читање во Собранието. Алармираме дека планираната измена на овој закон претставува сериозно нарушување на основните демократски процеси преку коja се загрозува улогата и независноста на медиумите и на медиумскиот регулатор“ посочуваат во соопштението.
Според нив, на тој начин ќе се наметне силно партиско влијание и зависност на медиумите што може да се толкува како обид за партиски поткуп и создавање на зависност на медиумите, што сериозно ја компромитира нивната независност и медиумскиот плурализам, а со тоа и изборниот процес кој следи.
Исто така велат дека се нарушуваат и евро-интегративните процеси бидејќи се злоупотребува европското знаменце и примената на скратена постапка за промена на законите за медиумите ја избегнува потребната парламентарна дебата, нарушувајќи ги принципите на отчетност и транспарентност и на избегнување на партиското влијание.
Носењето на измените по скратена постапка исто така ги игнорира критиките од експерти и меѓународни организации кои изразија сериозни забелешки на предложените законски измени, оценувајќи ги како несинхронизирани со ЕУ директивите и штетни за медиумскиот пејзаж и јавниот интерес во Македонија.
Предложените измени, дополнуваат медиумските организации, се во директен судир со основните уставни права на слобода на изразување и информирање, создавајќи нееднакви услови на пазарот за различен тип на медиуми и поткопувајќи ги принципите на рамноправност и транспарентност.
„Бараме итно повлекување на предложените законски измени и апелираме до политичките партии да ги земат предвид нашите забелешки и предупредувања. Сметаме дека е крајно време да се формира Фонд за плурализам во медиумите, кој би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција во спротивност на државното рекламирање кое служи како алатка за политички влијание и контрола, како и да се земат предвид другите предложени можности како што е даночното ослободување за новинари и медиумски работници“ додаваат во соопштението.
Решенијата кои тие ги предлагаат пак, би овозможилe финансиска поддршка на медиумите без влијание на политичките агенди, обезбедувајќи рамнотежа и поддршка за независно и објективно известување, која е суштинска за здравата демократија и информираност на јавноста, а истовремено отвораат можност за воспоставување на механизми за гарантирање дека средствата ќе се користат и за подобрување и на квалитетот на новинарството и на социо-економската состојба на медиумските професионалци.
Потписници на оваа реакција се: Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонски институт за медиуми (МИМ), Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институт за комуникациски студии (ИКС) и Центар за развој на медиумите (ЦРМ).