Слабостите што ги констатира Европската комисија се политичката поларизација и блокадата на парламентот каде што се носат законски и реформски решенија, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Јасно во извештајот вели дека политичката поларизација и блокирањето на парламентот оневозможува да се донесат голем број на законски и реформски решенија коишто би ги адресирале слабостите коишто евентуално ги констатира ЕК и тоа навистина е сериозна порака до сите политички партии“,изјави Османи.
Министерот додаде дека ова не е порака само до Владата, туку и до опозицијата, која, како што рече, со години преку филибастеринг го блокира парламентот единствено поради партиско-политички дневен интерес и со тоа, како што вели, не го дозволува носењето важни законски решенија.
„Во една каузална терапија го лечите проблемот, а не симптомот. Ова што го гледаме како детектирана слабост се симптоми на еден проблем, а проблемот е политичката поларизација, односно обид да се ставаат партиските интереси над државните. Иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате отворањето на поглавјата 23 и 24 кои во суштина се борба против корупцијата. Политичари кои велат ‘сакаме да се бориме против корупцијата, но не сакаме да се отворат поглавјата’ е апсолутно контрадикторно едно со друго и е иронија и е смеење во лицето на граѓаните“ додаде министерот.
Вели дека на извештајот на Комисијата треба да се гледа како на укажување на напредокот и на слабостите со цел Владата, но и целокупното општество во целина да ги адресираат тие слабости во годината што следува. А најдобар начин за нивно адресирање, додаде Османи, е преку отворање на кластерите.