Министерството за внатешни работи ја известува јавноста дека се преземаат интензивни мерки и активности за пронаоѓање на В.Ѓ. (14) откако денеска во 08.35 часот З.Ѓ. од Скопје пријави дека се сомнева дека нејзината ќерка В.Ѓ. (14) е исчезната.
„За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Истрагата продолжува интензивно и во текот на ноќта. Апелираме да не се шират дезинформации, а МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката“, соопшти вечерва полицијата.
Се работи за Вања Ѓорчевска од Скопје, 14-годишна ученичка во деветто одделение, која е исчезната од утринава. Како што појаснува нејзината мајка Зорица за ,,Фокус”, таа тргнала кон училиштето кое било седум минути оддалечено од нивниот дом, утринава во 7.20 часот. Во 7.34 телефонот и бил исклучен, а од Вања немало траг. Последен пат била видена во Дебар Маало, на пат кон Песталоци.
-Никогаш не се случило вакво нешто, ќерка ми е примерна ученичка, одговорна личност. Се сомневам дека е киднапирана! Обично на училиште оди заедно со сестра и, денес сестра и остана дома и Вања тргна сама. Другарките не знаат ништо, класната наставничка е вознемирена, проверивме социјални мрежи, нема ништо! Затоа и се поголем ни е сомнежот дека е насила одведена – појаснува вознемирената мајка.