Покрај пиштол и радио врска (токи воки) Палевски ги снимал поткастите во седиштето на партијата

by fokus

Во старото седиште на партијата ,,Десна” на Љупчо Палевски, кај Шампионче, во Кисела Вода, покрај тоа што во една од просториите имало пиштол, имало и радиостаници. Вака сведочеше сведок на денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

-Да, имаше пиштол, во една од просториите во ќошот, каде што се снимаа поткастите. Таму имам видено две радио врски (токи воки), рече сведокот Кирил Тренчевски, кој за себе рече дека бил симпатизер на партијата, па често одел во седиштето.

Потоа, седиштето на партијата било преместено, поточно кон крајот на 2023 година. Во новото седиште, како што рече сведокот, ретко одел и таму не видел пиштол.

Пред него сведочеше и Ѓорѓи Џолев, кој рече дека е пријател на Љупчо Палевски и бил претседател на Централениот комитет на Десна. И тој на прашање на обвинителката одговори дека видел пиштол во собата во која што спиел Палчо.

Инаку, радио врските беа споменати на едно од минатите рочишта, кога полициски инспектор сведочеше дека обвинетиот Влатко Кошишев му признал дека на местото на убиството на Вања комуницирале преку радио врски.

Судењето е во тек.

Валентина Вурмо

Поврзани новости