По информациите во јавноста дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и останатите осомничени во случајот „Титаник“ биле спасен од притвор, поради смена на еден од членовите на Кривичниот совет, од Кривичниот суд излегоа со соопштение.
Медиумите веќе пишуваа дека судијата Дарко Тодоровски бил изземан по барање на одбраната, иако таа не смеела да знае од кои судии е составен советот. Шпекулациите беа дека некој од судот ја информирал одбраната за составот на судиите, па знаејќи дека има можност Тодоровски да гласа за притвор, бидејќи важи за судија кој е принципиелен и не подлегнува на притисок, побарале изземање.
Од судот пак се правдаат дека советот најпрвин бил формиранод тројца судии Билјана Коцевска, Дарко Тодоровски и Диана Груевска Илиевска. Но судијката Билјана Коцевска не можела да одлучува бидејќи се пожалила на здравствени проблеми.
-Судијата Билјана Коцевска поради настанати здравствени проблеми кои се утврдени од дежурен лекар на ден 01.07.2017 год.(сабота), беше спречена да учествува во одлучувањето. На местото на спречениот судија истиот ден во советот како член беше определен судијата Џенета Бектовиќ, велат од судот.
Но измените во советот не застануваат тука. Откако на одбраната и било дојавено дека е можно „непослушниот“ судија Тодоровски да гласа за притвор, стигнало изземањето од адвокатот на Груевски.
Еве како оваа околност ја објаснуваат од судот:
-Според списите од предметот од страна на обвинетите лица истиот ден во 17:20 час. во судската писарница е поднесено барање за изземање на судијата Дарко Тодоровски од одлучување по тој предмет. Како дознале обвинетите лица и одбраната за составот на советот не ни е познато и не можеме да дадеме одговор ниту коментар за истот, велат од судот.
Од таму истакнуваат дека советот до тогаш не одлучувал, односно негираат дека првично на осомничените во „Титаник“ им била одредена мерка притвор.
-Ако работата по предметот не е завршена, во согласност со чл.37од ЗКП судијата чие изземање се бара е должен да престане со работење по предметот и за тоа да го извести претседателот на судот кој е должен да одлучи по барањето. Судијата Дарко Тодоровски соглсно чл.36 ст.5 од ЗКП дал изјава по повод поднсеното барање за иземање и ВД претседателот на судот одлучил по истото, го изземал судијата Дарко Тодоровски и за нов член на советот го определил судијата Марин Станевски. На судијата Марин Станевски решението со кое е определен за член на совет му е врачено истиот ден во 23,30 час. кога судијата дошол во судот.
Доколку по конкретниот предметот веќе било одлучено, ќе бил изготвен записник за советување и гласање и судијата Дарко Тодоровски ќе дал изјава со таква содржина, а барањето за изземање ќе било отфрлено, појаснуваат од Кривичниот суд.
Од судот додаваат и дека при составувањето на советот е постапувано итно, со цел да се овозможи почитување на рокот од 24 часа во кој треба да се одлучи по барањето за притвор.
-Начинот на гласање при донесувањето на одлука е забележен во записник, тој претставува тајна и истиот може да му биде достапен само на повисокиот суд при одлучување по жалба. Како течела работата по предметот, кој судија какво мислење имал и кој како гласал знаат само судиите кои учествувале во работата по предметот, а ниту ВД Претседателот на судот ниту било кој друг судија или судски службеник не може да знае какво мислење имале судиите – членови на советот и не може да даде било каква информација на јавноста поврзана со тоа со тоа.
Затоа во целост ги отфрламе сите објавени шпекулации поврзани со овој предмет, кои доаѓаат од анинимни извори, а за било каква евентуална нерегуларност странките имаат правно на жалба до повисоките судски инстанци, завршуваат од Кривичниот суд.