Денеска на плоштад Македонија во Скопје, СВР Скопје-Одделение за превенција и Црвениот крст на град Скопје организираа показна вежба во склоп на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства, а во која се презентираа ризиците од употреба на пиротехника, со цел да се влијае на свеста на граѓаните да не ги употребуваат овие средства.
На настанот учествуваа и претставници од средното музичко училиште ,,Илија Николовски Луј”, како и учениците од Средното училиште за ликовна уметност ,,Лазар Личеновски” со ликовни творби на тема: Петардите не се играчки, стоп на употребата на пиротехнички средства.
-Министерството за внатрешни работи продолжува со превентивни кампањи со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници, велат од МВР.
Од МВР велат дека превземаат и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства.
-Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните, велат од МВР.