Доколку беа исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период и разговори, навистина немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина, рече заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, вечерва на Сител телевизија, коментирајќи ги денешните протести на вработените во јавна администрација.
„Вака сомнежот е голем дека зад сето ова има некоја политичка позадина што не е добро, бидејќи преку синдикатите се злоупотребуваат вработените. Имаме еден многу добар и транспарентен однос и јас не гледам причина зошто низ претходен дијалог и разговори во самите министерства, со УПОЗ и со Синдикатот, да дојдеме до некои заедничко решение. Меѓутоа, најдобро би било тоа да се одвива во рамки на Економско социјалниот совет“ рече Ристески.
Според него, факт е дека навистина платите во одделни институции и министерства се пониски и не содејствуваат со економската состојба во Македонија. Но начинот на кој што се изразува тоа незадоволство, вели Ристески, како што „го видовте денеска преку УПОЗ, истите мислам дека е недозволиво бидејќи навистина има поразлични методи и мерки да се дојде до вистинската цел.
„Ние како Влада покажавме и докажавме во претходниот период дека сме доста транспарентни и отворени, имаме голем број на комуникации со сите синдикати во Македонија и посебно со УПОЗ. Претходно имавме два Економски социјални совети на кои што не беше истакнато такво нивно барање за покачување на плата од 30 отсто, рече Ристески.
Тој нагласи дека во наредниот период ќе има покачување на платата и посочи дека секогаш покачувањето на плата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија.
„Но, тука ќе треба и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста на административните услуги спрема граѓаните, бидејќи ние не треба да заборавиме дека сепак јавната администрација е сервис на граѓаните“ порача Ристески.