Бизнис заедницата во Македонија бара повлекување на предлог измените на Законот за обигациони односи (ЗОО) и нагласуваат дека, доколку се прифатат овие предлози граѓаните ќе плаќаат поскапи цени на комуналните услуги за да ги покријат трошоците на неплаќачите.
Според анализата на „Фактор“, упатените посочуваат дека измените на законот за облигациони односи, ќе ги зголеми цените на услугите, особено на комуналните и банкарските услуги.
Според информациите, неколку големи компании и банки веќе испратиле дописи до Владата, Собранието и другите надлежни институции, во кои ги потенцираат штетните предлози и бараат итно повлекување на измените.
Измените на ЗОО, кои се предложени од група пратеници, и кои веќе се во Собрание, влегуваат во забрзана постапка, односно се прават напори деновиве истите да бидат донесени по што ќе стапат на сила.
Со предлог измените кои се во Собранието, меѓу другото се предвидува неисплатената казнена камата да престане да тече во моментот кога ќе го достигне износот на главнината.
Во дописот испратен од компаниите се укажува дека со ваквиот предлог казнената камата ја губи својата функција и ќе предизвика негативни финансиски ефекти, со што несовесните трговци, поединци и граѓани ќе бидат дополнително поттикнати да не ги подмируваат своите долгови, наспроти оние што навреме го правеле тоа.
Според извори на „Фактор“ од бизнис секторот, дел од компаниите ќе треба да се откажат од над 150 милиони евра по основ побарувања, врз основ на застареност од 5 години, како што предвидуваат овие измени на Законот за облигациони односи.
– Тоа ќе доведе до зголемување на цените на услугите за струја, телефон, интернет, вода и други услуги, вклучувајќи ги банкарските услуги. Значи овие предлог измени ќе им создадат повисоки трошоци на сите граѓани, а ќе ги заштитат тие што и досега не плаќале – велат од компаниите.