Појасот Газа во хуманитарна криза, раселени се над 70 илјади лица

by Fokus

Неопходна е хуманитарна помош за околу 200 илјади Палестинци од Појасот Газа, алармираше Црвениот крст при посетата на неколку училишта, болници и други јавни институции кои се уништени од 11-дневните израелски напади.

Најмалку 254 Палестинци, вклучително и 66 деца, го загубија животот во израелските напади врз енклавата, кои започнаа на 10 мај. Најмалку 12 лица, вклучително и две деца, беа убиени во Израел во ракетни напади извршени од вооружени групи од Газа.

Светската здравствена организација предупреди на големи здравствени потреби низ окупираните палестински територии, велејќи дека конфликтот предизвикал уште поголемо раселување и ја влошил хуманитарната криза.

-Повеќе од 77 000 лица се внатрешно раселени и околу 30 здравствени установи се оштетени, се вели во соопштението на СЗО.
СЗО соопшти дека го зголемува својот одговор за да се обезбеди здравствена заштита на речиси 200 000 луѓе кои имаат потреба.

Во меѓувреме, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ) Роберт Мардини за „Ал Џезира“ изјави дека бараат 16 милиони долари за луѓето во Газа.

-Иако ескалацијата беше пократка од порано, ќе бидат потребни неколку години да се обнови оштетеното за само 11 дена, рече Мардини повикувајќи на политичко решение за ставање крај на овој долг конфликт.

Во последните израелски напади врз Газа се уништени 1 800 станбени единици и делумно уништени најмалку 14 300 стана и куќи, што предизвика десетици илјади Палестинци да побараат засолниште во училиштата на ООН.

Во нападите беа погодени 74 јавни згради, вклучувајќи ги и локалните општини. Израелски и официјални претставници на Хамас неодамна имаа одделни разговори со египетските власти за траен прекин на огнот.

Израел наметна копнена и поморска блокада на Газа откако Хамас дојде на власт во 2007 година на оваа густо населена и сиромашна територија на која живеат околу два милиона Палестинци.

Поврзани новости