Реализацијата на денешниот настан „Појадок на мост” го чинеше Градот Скопје 600.000 денари или отприлика 10.000 евра, информираат од администрацијата на градоначалникот Коце Трајановски.
– Манифестацијата се одржа во организација на СУГС „Лазар Танев“, а храната и ланч-пакетите ги подготвуваа 600 лица и тоа според сите светски и европски стандарди за подготовка на храна. Ланч-пакетите содржеа 14 до 15 различни продукти, а благодарение на донаторите коишто секако доаѓаат од угостителскиот сектор, секоја година има се повеќе избор на продукти кои влегуваат во ланч пакетите – велат од градот.
Денеска за појадокот на мост реагираше и опозициската СДСМ.
– Срамно е она што денес го направија Коце Трајановски и министрите во Владата на Груевски кои пред јавноста сакаа да покажат милосрдие кон дел од гладните граѓани. Ова се случува во услови кога градоначалникот Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ се луксузираат со астрономски износи од 18 милиони евра за Панорамско тркало и 10 милиони евра за луксузна зграда на ЈП Водовод – коментираат социјалдемократите.