ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА ИЛИ „ТОКМЕЊЕ“ НА ИМОТОТ ЗА ВЕЌЕ ПОЗНАТ ГАЗДА? – Наместо за 4,5 милиони евра, атрактивната парцела на Мијалков, за казино во Гевгелија, се продава за помалку од милион!

Во текот на летото, парцелата во Гевгелија, која е на атрактивна локација и погодна за казино, а која беше одземена од екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, се очекува да добие нов сопственик. Државата, имотот од речиси 19.000 квадратни метри го продава за 916.000 евра. Првичната проценка на имотот, пак, беше 4,5 милиони евра. Дали првата вредност била „надувана“ или, пак, имотот по поволна цена се „токми“ за некој веќе познат нов сопственик?

by valentina 12:27
12:27

Пишува: Валентина ВУРМО

По пауза од година и пол, државата конечно продолжува со продажбата на имотот што беше конфискуван од братучедите, односно од екс премиерот Никола Груевски и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Неодамна, владата даде зелено светло, а Агенцијата за управување со одземен имот за лицитација огласи пет стана на Груевски, со вкупна вредност од 2,5 милиони евра, како и огромно градежно земјиште на Мијалков, распослано на атрактивна парцела во Гевгелија.

Разгледувањето на имотот од заинтересираните купувачи заврши деновиве по што ќе следуваат јавните лицитации, закажани за 15 јули.

Прво, во 11 часот ќе почне наддавањето за становите, а во 12 часот за земјиштето. И двете електронски лицитации ќе траат по 15 минути.

По продажбата, овој луксузен имот ќе добие нови сопственици, а парите ќе легнат на сметката на државата. Доколку, пак, нема заинтересирани, ќе се оди на „втора мајка“.

РАЗЛИКА ОД ДУРИ 3,6 МИЛИОНИ ЕВРА

Почетната цена од која ќе почне наддавањето за земјиштето во Гевгелија е нешто помалку од милион евра, односно 916.000 евра.

Почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда – Бирото за процени бр. CB/EL V 2/24-2 од 12.08.2024 година е во износ од 56.337.000 денари”, се појаснува во огласот објавен од Агенцијата за управување со одземен имот.

Тоа значи дека проценителите оцениле дека ова земјиште, составено од 8 парцели, со вкупна површина од речиси 19.000 квадратни метри, вреди најмалку 49 евра од квадрат.

Но, ако се вратиме само три години наназад, математиката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше поинаква. Според информациите што тогаш ги имале, имотот вредел многу повеќе.

Имено, кога обвинителството јавно сподели дека се спогодиле со Мијалков, односно дека признал вина за случајот „Империја“, објавија детали за имотот што му го запленуваат. На долгата листа се најде и земјиштето во Гевгелија, запишан во катастарска општина Богородица, со ИЛ 1501. За официјален сопственик беше наведена компанијата „Бет Ком“, на која, пак, сопственик ѝ беше правното лице „Ексико“. Оваа офшор-компанија, пак, со пресудата за „Империја“ се утврди дека е на семејството Мијалкови.

Сите осум земјишта беа наведени со точна катастарска парцела и точна површина, а истите податоци се најдоа и во актуелниот оглас.

– земјиште лоцирано на КП 3178/4 викано место Милци, во површина од 97 м2,

– земјиште лоцирано на КП 3180 викано место Горка, во површина од 309 м2,

– земјиште лоцирано на КП 3181 викано место Милци, во површина од 15004 м2,

-земјиште лоцирано на КП 3182 викано место Милци, во површина од 236 м2,

– земјиште лоцирано на КП 3189 викано место Милци, во површина од 24 м2,

– земјиште лоцирано на КП 3192 викано место Милци, во површина од 926 м2,

– земјиште лоцирано на КП 3196/1 викано место Милци, во површина од 1918 м2 и

– земјиште лоцирано на КП 3205/1 викано место Милци, во површина од 265 м2.

Вкупната вредност, пак, беше пресметана на 276.750.000 денари или 4,5 милиони евра.

Оваа сума паѓа в очи кога ќе се види и актуелниот оглас за продажба, бидејќи направената проценка сега е многу пониска, односно разликата е во неверојатни 3,6 милиони евра!

КОЈ Ѝ ФРЛИЛ ОКО НА ПАРЦЕЛАТА ИДЕАЛНА ЗА КАЗИНО?

Како се случило сега имотот да е вреднуван речиси четирипати помалку, прашавме во Агенцијата за управување со одземен имот, но и во Бирото за проценка. Сепак, до затворањето на неделникот, не добивме ниту одговор, ниту појаснување.

Кога обвинителството го заплени овој имот, го вреднуваше како вистинско богатство, бидејќи станува збор за атрактивна локација во близина на границата со Грција. Парцелата е идеална за изградба на казино, а за таа намена и ја купил екс директорот на УБК.

Во отсуство на официјално појаснување, останува само неофицијално да се нагаѓа зошто цената вртоглаво се намалила?

Како што дознаваме, Обвинителството, оваа вредност од 4,5 милиони евра ја извлекло од документацијата што била прибавена за судскиот случај, односно Мијалкови имале направена проценка на земјиштето потребна за добивање банкарски кредит.

Едно од објаснувањата може да биде дека оваа проценка уште тогаш не била реална, односно била „надувана“ за да се извлече поголем кредит. Или, пак, другата можна варијанта е дека веќе има заинтересиран „инвеститор“ на кого му се завршува работа парцелата да ја „лапне“ по екстра поволна цена.

Она што е сигурно е дека лично и транспарентно семејството Мијалкови нема да може да си го поврати имотот, бидејќи според новиот Закон за управување со одземен имот, на јавната аукција нема да можат да се пријават членови на неговото семејство.

Според најновите законски измени, како купувач или закупувачи не можат да се јават ниту брачниот или вонбрачниот другар, роднина во прва линија или до четврти степен во странична линија на осуденото лице.

„Како купувачи не можат да се јават ниту правни лица или одговорни лица или бранителот или правниот застапник на правното лице во кое осуденото лице од кое е конфискуван или одземен имотот се наоѓа како сопственик на најмалку 25 отсто од сите акции или, пак, се наоѓа на раководна позиција во тоа правно лице”, е предвидено во новиот закон.

Според стариот закон, пак, кој беше во сила кога се продаваат запленети станови на Мијалков, на огласот единствено немаше право да се јави осудениот.
Па, така, фирмата на неговиот син Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“, ги купи трите луксузни стана на Водно, и тоа по поволна цена.

Недвижнините се продадоа за вкупна цена од 332.276 евра, па гледајќи ја сумата што легна на државната сметка, може да се заклучи дека продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани.

Па така, двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра.
Тие што учествувале на аукцијата, морале да наддаваат, односно не може да се оди под цената што го одредило Бирото за судски вештачења. Нашата пресметка покажува дека имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе.
Па, од тука се и забелешките дека апартманите се проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација стигнува до вртоглави 3.000 евра за квадрат.

ДРЖАВАТА СЀ УШТЕ НЕ ГИ ПРОДАВА ПАРЦЕЛИТЕ НА ВОДНО

Останува да се почека да помине лицитацијата и тогаш ќе се види дали има заинтересирани купувачи и која крајна цена ќе го достигне имотот. Сепак, едно е јасно, дека земјиштето ќе заврши во рацете на милионер, бидејќи просечен македонски граѓанин, кој живее од просечна плата, не може да си дозволи учество на аукцијата.

Покрај ова земјиште, од Мијалков беше одземена и атрактивна парцела на Водно, со површина од 4.514 квадратни метри, во месноста Горно Курило. Сепак, таа сѐ уште не е огласена за продажба, бидејќи се чека зелено светло од владата.

Всушност, парцелата е составена од градежно неизградено земјиште од 3.880 квадратни метри, на кое е предвидена маркичка за куќа и шума со површина од 634 квадратни метри. Проценката на овој имот е направена уште кон крајот на 2023 година, при што беше утврдена вредност од 2.059.000 евра. И ова земјиште беше во сопственост на фамозната офшор-компанија „Ексико“.

Од  Агенцијата за управување со одземен имот веќе одамна најавуваат и огласи за продажба и на останатиот имот на Мијалков, 20 стана и 8 гаражни места на Водно, на улицата Славејко Арсов, два апартмани во хотелот „Панорама резиденс“, два апартмани во хотелот „Парк“ во Охрид, градежно земјиште во Радња и Центар, како и деловен простор на улицата 11 Октомври во Скопје.

Проценката на овој имот е направена, а вкупната вредност е над 21 милион евра.

Вкупниот проценет недвижен имот изготвен од Министерството за правда – Биро за процени е во износ од 21.450.000 евра, што значи дека во Буџетот на државата ќе се префрлат најмалку во тој износ, велат од Агенцијата за управување со одземен имот.

ЛЕТОВО НОВИ ГАЗДИ ЌЕ ДОБИЈАТ И СТАНОВИТЕ НА ГРУЕВСКИ

Летово, нови сопственици треба да добијат и становите што беа конфискувани од екс премиерот Груевски по пресудата за случајот „Плацови на Водно“.

Агенцијата за управување со одземен имот објави дека се продаваат неговите пет стана, од кои три се наоѓаат во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно, а два на Бихаќка, каде што претходно живееше бегалецот.

Трите стана на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри, се со вкупна проценета вредност од над 2,4 милиони евра.

Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Овој стан се продава по цена од 760.000 евра.

Вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни и е проценет на 847.000 евра.

Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати. Проценет е на 851.000 евра.

Нови сопственици ќе добијат и двата стана на Груевски во Кисела Вода. Тој, пред да избега, живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

Поголемиот, оној од 57 метри квадратни се продава по цена од 63.000 евра, а помалиот од 38 квадрати, по цена од 44.000 евра.

Овие станови, пак, за разлика од првата проценка направена пред две години, сега имаат поголема вредност, односно таа се зголеми за половина милион евра повеќе.

ВЛАДАТА СЕ „ДУМА“ И ЗА ПАРЦЕЛИТЕ НА ВОДНО НА БЕГАЛЕЦОТ

За разлика од становите, на ред за продажба сѐ уште не се дојдени ниту четирите парцели на Груевски на Водно. Вкупната проценка на сите е 5,8 милиони евра, а три се наоѓаат во заштитеното подрачје.

Станува збор за поголема парцела од 11.000 квадратни метри, во месноста Шербетница, поделена на три дела, со три маркички за куќи. И уште еден плац, од 2.700 квадратни метри, на кој, исто така, има маркичка за хациенда, но тој се наоѓа на почетокот на Водно, покрај резиденцијата на Вилма Трајковска.

Трите земјишта во Шербетница, поточно на зафатот над Панорама, Груевски тајно ги купил во 2013 година. Зделката го чинела 1,3 милиони евра, кои според пресудата, ги земал од партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ, собрани преку донации.

Она што паѓа в очи е дека и на овој имот низ годините вртоглаво му се зголемила вредноста, бидејќи од 1,3 милиони евра во 2013 година, сега е проценет на 4 милиони евра.

Но, она што во следниот период ќе биде клучно, е дали државата ќе дозволи на овие парцели да се изградат огромни хациенди, или ќе го заштитат земјиштето, со тоа што ќе ги тргнат маркичките и ќе остане во државна сопственост?

Затоа во изминатиот период се поставува прашањето дали државата ќе дозволи на Водно, во делот кој важеше за заштитено зеленило, да „изникнат“ пет хациенди?

Доколку имотот оди на продажба, тоа ќе значи дека на еден начин ќе се легализираат скандалозните детални урбанистички планови, кој пред една деценија беа наменски скроени по желба и мерка на поранешниот премиер Груевски. Тој имаше желба да изгради куќа во срцето на Водно и далеку од сите да ужива во неверојатен поглед.

Општина Центар побара земјиштата да се вратат во првобитната состојба, да останат недопрени од бетонизација, но тоа можат да го сторат само со добиена согласност од државата.

Засега информациите се дека, сепак, имотот наскоро ќе оди на продажба.

Сума сумарум, речиси на сите овие недвижнини како заинтересирани купувачи ќе можат да се јават само граѓани со многу длабок џеб.

Не е ниту невозможно дел од имотот повторно да се врати во рацете на фамилијата, но единствено преку изигрување на законот, односно преку таен договор за скриена сопственост, шема која добро им беше уиграна и во минатото.

 

Слични вести