Погребот на владиката Тимотеј, кој почина вчера, ќе биде извршен в четврток на 28 ноември во Плаошкиот манастир во Охрид, во епархијата со која раководеше повеќе од 40 години, соопшти Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Телото на митрополитот Тимотеј ќе почива во епархијата со која раководеше во кругот на Светиклиментовиот храм на Плаошник.
„Синодот определи заупокоената света литургија и опелото да бидат извршени в четврток со почеток во 9 часот во црквата ‘Света Софија‘ во Охрид. Литургијата ќе ја предводи архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во сослужение со надлежните епархиски архиереи на МПЦ-ОА, како и со претставници од другите помесни православни цркви“, се вели во соопштението на Синодот на МПЦ-ОА.
Погребот ќе биде извршен до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.
Голем број свештени лица и верници денеска ги пречекаа посмртните останки на владиката Тимотеј во Светиклиментовиот храм на Плаошник.
Неговото тело ќе биде изложено во црквата во Плаошник сè до денешната вечерна богослужба.
Дебарско-кичевскиот митрополит, воедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, почина вчера на 73-годишна возраст во болница, каде изминатите денови престојуваше поради проблеми со срцето.