Погребот на британската кралица Елизабета Втора и придружните настани чинеле речиси 162 милиони фунти, соопшти денеска Министерството за финансии на Велика Британија.
На погребот на кралицата на 19 септември минатата година му претходеше период на национална жалост за време на кој пошироката јавност можеше да се збогува со својот монарх со најдолго владеење, во лондонската Вестминстерска сала, пренесува Ројтерс.
Пред тоа, ковчегот со телото на Елизабета Втора беше во катедралата во Единбург.
„Приоритет на Владата беше настаните поврзани со погребот да се одвиваат непречено и со соодветна доза на достоинство, а во исто време безбедноста на граѓаните е загарантирана во секое време“, напиша министерот за финансии Џон Глен во писмото до Парламентот.
Најголем дел од парите, 73,7 милиони фунти, отишле во Министерството за внатрешни работи, одговорно за одржување на редот и националната безбедност.
Полицијата на градот Лондон распореди најголем број полицајци досега на улиците, велејќи дека тоа е нивната најголема безбедносна операција во историјата.
Британската кралица почина на 8 септември 2022 година на 97-годишна возраст.
На функцијата монарх ја наследи нејзиниот син, кралот Чарлс III, кој беше крунисан на 6 мај оваа година.