Високи 59,2 отсто од граѓаните сметаат на црквата на Јован Вранишковски (ПОА) не треба да и биде дозволено да се регистрира во Македонија, додека само 18 отсто сметаат дека треба да и се дозволи, покажува телефонската анкета на тема „Религија-Политика-Општество: Влијанието на Религијата во Политиката и Општеството” спроведена од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Институтот за Политички истражувања-Скопје и Молитвеникот за информации Религија.мк.
Според анкетата 76 отсто сметаат дека МПЦ-ОА има легитимитет да ги претставува православните верници во Македонија, додека само 8 отсто сметаат дека легитимитет има ПОА.
„Од одговорите може да се заклучи дека македонските православни верници ја поддржуваат МПЦ-ОА и се против црквата на Јован Вранишковски. Голем дел од верниците се против дозвола за регистрација на ПОА, дури и против обединување на двете цркви во случај Српската црква да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА“, стои во истражувањето.
Сепак повеќето од испитаниците одговориле потврдно на прашањето „Дали во Македонија се почитуваат верските права и слободи“, 56 отсто изјавиле „да“, а 22 отсто „донекаде да“.
Во анкетата 74,8 од испитаниците се изјасниле како православни, а 22,2 отсто како муслимани. Католици, припадници на други религии и атеисти биле само 3 отсто од испитаниците.
Нешто поголем е бројот на граѓани кои сметаат дека верски претставници не треба да присуствуваат на поставување на камен темелник или отворање на државни објекти од оние кои сметаат дека треба. 47 отсто сметаат дека не треба, а 42 отсто одговориле дека треба.
89 отсто сметаат дека МПЦ не треба да отстапи од барањата за целосна еднаквост со другите цркви, додека најголем број или 42 отсто сметаат дека првата црква која ќе го признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА е Српската. 18 отсто сметаат дека тоа треба да биде Бугарската.
54 отсто сметаат дека во Македонија постои целосна или делумна одвоеност помеѓу религијата и државата, додека 18 отсто сметаат дека државата не е воопшто одвоена од религијата.
На граѓаните им било поставено и прашањето дали во Македонија во моментов има доволно верски објекти при што високи 75,9% одговориле потврдно, а само 8,3% сметаат дека нема доволно верски објекти.
На прашањето дали изградбата на нови цркви и џамии е повеќе поради потреба однови храмови или пак се користи во функција на обележување на територии на влијание, 36,9% одговориле дека изградбата е поради потреба од нови храмови, додека повисоки 44,6% сметаат дека храмовите се повеќе во функција за обележување на територии на влијание.