Поглавјата 23 и 24 можат да бидат едрата, но и сидро, на патот кон ЕУ

by fokus

Со отворање на првиот кластер, односно поглавјата 23 и 24, кое се очекува во декември, нашата држава и официјално ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.
Поглавјето 23 се однесува на правосудство и основни права, а поглавјето 24 се однесува на правда, слобода и безбедност, економски критериуми, функционирање на демократски институции и реформи на јавната администрација.

Ова значи дека реформите во правосудство и темелни права ќе бидат ветер во едрата на патот кон членство во Европската Унија, доколку успешно се спроведат, или ќе бидат сидро коешто ќе го забави целиот процес.
Овие поглавја се отвораат први, но се затвораат последни, со што и се овозможува на ЕК и на земјите членки во текот на целиот процес да одржат мониторинг и да вршат притисок во оваа област се до конечното приклучување на земјата.

Првиот чекор откако преговарачките рамки се влезени во процедура е Македонија да изготви патоказ за поглавјата поврзани со владеењето на правото. Освен патоказот за владеење на правото, државта ќе треба да изготви и патоказ за функционирањето на демократските институции и реформа на јавната администрацијата, другиот суштински елемент од преговорите со ЕУ.

Според последните извештаи на Европската комисија, државата во неколку наврати е оцената дека има добар напредок во Поглавјата 23 и 24. Генерално, се оценува дека е достигнато високо ниво на усогласување на законската регулатива, иако и понатаму постојат недостатоци во клучни области, како во судството, борбата со корупцијата, но и реформирањето на полицијата. Посебно внимание ќе треба да се обрне на борбата против организираниот криминал, подобрување на финансиските истраги и конфискација на имотот.

Независното судство, со неопходниот капацитет за одржување и заштита на владеењето на правото, е камен-темелник на Поглавјето 23. Независноста на судството подразбира интегритет на судовите и судиите, непристрасност и високи стандарди на пресудите.
За постигнување на критериумите од ова поглавје, Северна Македонија треба да имплементира значителен број на рефомрски процеси и активности кои имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.
Независноста на судството претставува централна оска во градење на потребните капацитети во одржување и заштита на владеење на правото. На пример, во ЕУ перцепцијата за постоење на независно и ефикасно судство е од огромна важност. Тоа е дефинирано преку број на препораки за постигнување на независност и непристрасност, интегритет и највисоки стандарди.

Понатаму, реформските процеси во оваа област изискуваат сериозна политичка, правна и административна посветеност во отстранувањето на надворешните влијанија, алокација на адекватни и одржливи финансиски ресурси и континуирана обука, вклучително и на судската служба.

Потоа, од земјата се бара ефикасна борба против корупцијата, бидејќи се цени дека токму коруптивните дејствија ја загрозуваат стабилноста на демократските институции и владеењето на правото.

Покрај воспоставената законска и институционална рамка, ЕУ инсистира на нејзино практично функционирање и досие на предмети кои докажуваат посветеност во борбата против корупцијата.

В.В.

Поврзани новости