Како што информира владиката Тимотеј, МПЦ-ОА во Белград ќе ја предводи неговото блаженство архиепископот охридски и македонски и тројца митрополити во ранг најстарите, се разбира во придружба на неколку соработници.
Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) одлучи да ја прифати поканата за сослужување со Српската православна црква (СПЦ).
– Ја прифативме поканата од страна на српскиот патријарх Порфириј, односно од Соборот на СПЦ за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на Свети Сава – кажа владиката Тимотеј, кој воедно е и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.
Како што информира владиката Тимотеј, МПЦ-ОА во Белград ќе ја предводи неговото блаженство архиепископот охридски и македонски и тројца митрополити во ранг најстарите, се разбира во придружба на неколку соработници.
– Преку ова се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви, а тоа е еден чекор до очекуваното конечно разрешување на посакуваната цел, а тоа е автокефалност на МПЦ-ОА – додава владиката Тимотеј.
Тој објасни дека МПЦ-ОА треба да исполни десетина точки за да биде предложена за добивање Томос за автокефалност од страна на својата мајка-црква, а во случајов тоа е СПЦ.
– СПЦ треба да извести Цариградската патријаршија и другите православни цркви, па во согласност на сите останати да се издаде Томосот. Тој Томос треба да го потпише вселенскиот патријарх Вартоломеј и српскиот патријарх Порфириј. Се надеваме дека до крајот на месецов ќе го добиеме Томосот – истакна г. Тимотеј.