Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан упати телеграма со сочувство до архиепископот пеќски, митрополит белградско-карловачки и патријарх српски, г. г. Иринеј по повод упокојувањето на високопреосветениот архиепископ цетињски и митрополит црногорско-приморски, Амфилохиј.
– Ваша Светост, Нѐ натажи жалната вест за упокојувањето на Високопреосветениот Архиепископ Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски, Амфилохиј. Дозволете ми во Наше име, во името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (САС на МПЦ-ОА), на свештенството, монаштвото и на сите верни чеда, да изразам искрено сочувство и братско сострадание во болката на сестринската Српска православна црква (СПЦ), на Црногорско-приморската митрополија и на сите коишто го почитуваа Митрополитот Амфилохиј. Неговата богољубива личност и дело одбележа една светла страна во поновата историја на Српската Црква, стои во телеграмата.