Подотворениот прозорец во македонско бугарските односи

by fokus

Повеќе од 150 години од раѓањето на Гоце Делчев и речиси 120 години по неговата смрт, ние Македонците од Северна Македонија и Бугарите од Бугарија не можеме да се договориме дали човекот роден во Кукуш, денешна Грција, бил македонски револуционер или бугарски војвода.

Пишува: Ѓорѓи Спасов

Тврдењето на бугарската историска наука произлегува од нивниот општ став дека пред 1944 година не постоела македонска национална свест, ниту посебност и во такви околности не само Гоце Делчев, туку и сите други револуционери кои се бореле за ослободување на Македонија биле само Бугари од Македонија кои биле Македонци според нивната територијална припадност, а не според нивното етничко потекло. Оттука, тврдењето на македонската историска наука дека Гоце Делчев и многу други револуционери од тој период се чуствувале не само како Македонци според својата територијална припадност, туку и граделе свест за различноста на Македонците од етничките Бугари, Грци и Срби и со тоа помогнале во процесот на создавањето на македонскта национална свест и посебност кај населението во Македонија, тие го сметаат за грубо фалсификување на историјата или дури и за крадење од бугарската национална историја.

Реално, во суштината на овој спор е настојувањето на Бугарија, во замена за подигање на ветото за членство на Македонија во ЕУ, да изнуди од Северна Македонија да прифати дека Македонците не се нација , која како и сите други нации на Балканот се создавала низ еден долг историски процес кој трае од крајот на 19 век и почетокот на 20тиот век и дека во тој период се обликувала и посебноста на македонскиот јазик како еден од групата на словенските јазици на Блаканот.

Во современата наука тврдењето дека некои нации настанале во историски процес а други се вештачки формирани со некаков политички декрет се смета за глупост и глупавост. Ама тоа не е доволно од бугарска страна да се признае тој научен факт.

Има голем број истакнати историчари во светот, кои сметаат дека ако денешна Северна Македонија, макар и со политичка декларација го прифати тоа, таа самата ќе биде фалсификатор на сопствената историја.

А, уште Џорџ Орвел, мајсторот на прекрасната дистопија „1984“ рекол дека „најефикасниот народ да ги уништиш луѓето е да им го негираш и избришеш нивното сфаќање за сопстевната историја“.

Македонија од своето основање до денес како независна држава, главно повторува дека наспроти сите негирања за посебноста на македонскиот народ и нација, од бугарска страна и наспроти агресивната пропаганда која трае со децении за бугарските етнички корени на Македонците, прогласувањето на сите национални херои од 19 и почетокот на 20 век за бугарски и негирањето за постоењето на македонско национално малцинство во Бугарија, сме подготвени да соработуваме со таа држава на економски, политички и културен план, и на зближување на народите од двете земји. Се почитува од наша страна и постојаното повторување од Бугарија дека таа е најмногу заинтереирана Северна Македонија да остане незвисна држава и да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Но, неискреноста на заинтересираност на Бугарија за членство на нашата земја во ЕУ, излезе на површина по донесувањето на Декларацијата на бугарското национално собрание за условите за започнување на разговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, и веднаш потоа со ветото за усвојување на Рамката за преговори на нашата земја со ЕУ.

За да го оправда таквото свое однесување кон нашата земја, Бугарија почна да не обвинува прво за: Непочитување на Договорот за добрососедство од 2016 година, алудирајќи пред се на неприфаќањето на нивната интерпретација што значи тоа наша заедничка историја и од кога почнува.

Второ: за ширењее на говор на омраза во Македонија кон Бугарија и Бугарите, посочувајќи дека овде систематски се негува омраза кон Бугарите и се говорело за „некаков бугарски фашизам“ и окупација на Македонија во време на Втората светска војна .

Трето. За натамошно фалсификување на историјата од крајот на 19 веч и почетокот на 20 тиот но и од периодот на втората светска војна , за време на која тие биле само администратори, и со упорното неприфаќање од наша страна дека сме „вештачки создадена нација„ а нашиот јазик е „дијлект на бугарскиот“.

Четврто. Дека ширењето омраза довело до тоа и да не се реализираат важни бугарски инвестиции и економски интереси на Бугарија во Македонија.

И петто. Дека лицата кои во Македонија се изјаснувале како етнички Бугари биле изложени на силна дискриминација и не биле почитувани и заштитувани нивните човекови права.

По сите овие обвинувања и блокади на нашето членство во ЕУ, стана јасно дека односите меѓу двете земји се спуштија на најниско ниво во историјата и дека во услови кога ЕУ очекува „двате страни да најдат взаемно прифатливо решение“, а едната од нив е нивна членка и условува,тоа изгледа повеќе од невозможно.

Паметните аналитичари и политичари укажуваа дека губењето на надеж во Македонија за започнување на разговори за членство во ЕУ ќе ги зајакне националистичките сили во земјава кои ќе им дадат ново горива на националистичките сили во Бугарија, и дека во двете земји тоа нема да води кон повеќе демократија, туку кон можна победа на изборите од страна на националистички и авторитарни сили. Голем број од граѓаните во Македонија, во вакви услови ја сметаат и за бескорисна големата жртва со промената на името на земјата и се чуствуваат измемни од ветувањта на САД и на ЕУ за членство во ЕУ по решавањето на најголемиот проблем со името. А таквите промени и политички тенденции стануваат проблем и за САД и за ЕУ.

За среќа, Бугарија конечно избра нова влада, во која премиерот Кирил Петков се обиде да го смали притисокот од САД и од членките на ЕУ врз Бугарија за деблокирање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, преку отворањето мал прозорец за изнаоѓање решение во односите меѓу двете земји.

Тој понуди да се интензивира соработката меѓу двете земји во областите кај што имаме најмалку спорни прашања за решавање, да се покаже добра волја за изнаоѓање решенија околу некои спорни прашања и недоразбирања а истовремено да се остави простор и време за решавање на најделикатните прашања.

Премиерот Димитар Ковачевски од наша страна го прифати овој пристап и веднаш се тргна во реализација на основнит план за правење исчекор кој би можел да доведе до деблокирање на разговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Направени се меѓусебни посети на премиерите. Одржана е зедничка седница на двете влади. Составени се и веќе се сретнаа групи за соработка во областа на економијата иновациите и инвестициите. Се сретнаа претставниците на стопанските комори од двете земји.

Се чини дека ќе тргнат со поголема динамика изградбата на патната и железничката инфраструктура меѓу двете земји, ќе се отвори уште еден граничен премин, и ќе се воспостави авионска линија меѓу Скопје и Софија.

Се прави обид и две други обвинувања да бидат тргнати од дневен ред.

Македонија ги извести Обединетите нации дека кусото име Северна Македонија се однесува само на територијата на Република Северна Македонија и тоа не имплицира територијални претензии кон територијата на Бугарија.

Македонија зема обврска од своја страна да ги испита сите случаи на дискриминација кон Бугарите во Македонија ако такви случаи има , иако ниту едена таква поплака од нив не стигнала до денес до Комисијата за спречување на дискриминацијата.

И од македонска страна е изјавено дека ние немаме проблем и Бугарите како етничка заедница да бидат ставени во Уставот на Македонија .

За жал, во двете земји се јавија гласноговорници кои веднаш го омаловажија ова што се прави и што е постигнато, со образложение дека без да се реши главниот проблем кој се сублимира во одредницата „Чиј е Гоце„ нема да има ниту симнување на ветото од бугарска страна ниту напредок во односите.

Во Македонија дополните добиват на сила гласовите дека „доста и се попушта на Бугарија„ и дека треба да престанеме систематски да се самопунижуваме, или да градеме лажна надеж дека само на чекор од изнаоѓање на решение на проблемот.

На сите нив им се погоди одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев за да се нагласат разликите меѓу двете земји.

Од Бугарија некои сили бараат да биле вратени од Македонија посмртните останки на Гоце Делчев, а во Македонија се бара со Декларација во Собранието да се заштителе неговиот лик и дело, веројатно од оное што „недоволно го штитат“.

И во двете земји очигледно постојат политички сили кои исчекорот во македонско бугарските односи што би го направиле Петков и Ковачевски би го сметале за свој пораз. Тие би ја изгубиле коската за глодање околу историските прашања, и затоа за нив било какво заобиколување на тие прашања или одлагање на нивното решавање е еднакво на „национално предавство“ . Таквите сили не се заинтересирани да се помести фокусот на односите меѓу двете земји од историските прашања кон сегашната соработка бидејќа само додека трае „битката за патриотската кауза“ тие остануваат во центарот на вниманието.

Интересна е забелешката што две партии со исто име од двете страни на границата туркаат иста политика на заострување на односите.

Оттука, добро би било малку Гоце Делчев да го оставиме да почива во мир.

Тој бил револуционер, образуван и воспитуван во име на интернационализмот, кој подразбирал давање помош од страна на револуционерите од разни нации за ослободувањето на народот и на работниците и селаните од разни узурпатори и освојувачи.

Брзо ја научил играта на тогашаните царски дворови околу ослободувањето на Македонија и сметал дека ослободувањето на Македонците како народ треба да биде нивно дело, со што помогнал по долги години борба за слобода да ја имаме денешната независна македонска држава.

Планот на Петков и Ковечевски е добар обид за правење исчекор во односите меѓу двете земји. Во медиумите треба да им се даде гласност на оние што од двете страни имаат поумерени ставови. Подотворениот прозорец за изнаоѓање решенија треба да се зачува отворен без еуфорија и без големи очекување. Ние треба да си ја вратиме самодовербата и да сфатиме дека не треба да реагираме жестоко на секоја навреда. Ние знаеме кои сме и што сме и тоа никој неможе да го поништи што и да кажува. Имаме доволна критичка сила да ги поправиме и грешките и да кажеме дека сме веќе европска нација без оглед кој што мисли за тоа.

Поврзани новости