Во организација на Регионалниот совет за соработка и Асоцијацијата на медијатори од Југоисточна Европа на 25-ти октомври во Белград, Р.Србија се одржа конференција за промоција на медијацијата на тема: ” Подобрување на пристапот до правда преку медијацијата”.
На конференцијата д-р Јелисавета Георгиева Јовевска како претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора на Северна Македонија и лиценциран медијатор го сподели искуството и реализираните активности кои АПМ години наназад, односно од 2016-та година ги прави во насока на поголемо афирмирање на медијацијата. Така АПМ за целиот споменат период има одржано над 50 настани, конференции, обуки и сл. за промоција на медијацијата со учество од над 2500 заинтересирани страни. АПМ прва во Македонија во 2017 година одржа Регионална конференција со учество на претставници од земјите од регионот плус Молдова, Турција, Кипар, Германија, Холандија…како и во 2023 година беше организатор на Втората регионална конференција за поддршка на медијација во соработка со ИФЦ каде имаше над 100 учесници а говорниците беа од ЕУ канцеларијата од РСМ, Германската амбасада, ИФЦ, УНДП, Владата на РСМ и асоцијации за поддршка на медијацијата од земјите од регионот. Благодарение на активностите на АПМ која ги прави во соработка со домашните и меѓународните институции и со медиумите, слободно може да се констатира дека во нашата држава има напредок во користење на медијацијата но потребна е уште поголема ангажираност и афирмација на медијацијата за искористување на сите нејзини бенефити.
На конференцијата во Белград учествуваа претставници од асоцијации за медијација, медијатори, адвокати и сл. од Северна Македонија, Албанија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Црна Гора….
Од Македонија учесници на конференцијата беа и Милазим Мустафа, член на Судскиот совет и лиценциран медијатор, проф.др. Љупчо Сотироски од Асоцијацијата на медијатори на ЈИЕ и лиценциран медијатор.
Како заклучоци од самата конференција која Регионалниот совет за соработка и Асоцијацијата на медијатори од ЈИЕ произлегоа дека во иднина уште повеќе акцент треба да се стави на:
– заедничко учество на регионални иницијативи и проекти за промоција на медијацијата,
– организирање на активности за поддршка на медијацијата преку синергија со сите релевантни чинители, институции, судови, медиуми и др. со цел подигнување на свеста и промена на менталитетот за поголемо користење на алатката со која ќе се реши одреден спор со помалку финансиски средства, со помалку време, со останување во добри односи со другата страна како и со добивање на спогодба со сила на извршна исправа доколку истата се солемнизира на нотар.
Сите учесници се согласија дека медијацијата е алатка за решавање на одреден спор која помага на сите, на судовите преку нивно растеретување од многуте предмети, на државата со следење и имплементирање на ЕУ препораките, на фирмите преку намалување на трошоците и решавање на спорни ситуации каде сите се победници, односно со еден збор, од медијацијата добива секој.
Организаторите и учесниците се согласни дека набргу ќе се одржи нов настан на кој повторно ќе се промовира медијацијата.