Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд во Битола поднесе Обвинителен акт против едно одговорно лице за кривично дело загадување на животната средина и природата и против правното лице АД за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија кое се товари дека сторило кривично дело загадување на животната средина и природата.
Во периодот од јануари 2015 година до 7 февруари 2017 година, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, на обвинетиот како одговорно лице во правното лице – директор на РЕК Битола, подружница на АД за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија му било доверено извршување на законските и подзаконските прописи за управувањето, користењето и располагањето со имотот, раководењето со производниот потфат и надзорот, во име и за сметка на обвинетото правно лице.
– Тој не се придржувал кон прописите за заштита на животна средина и дозволил користење на погон кој ја загадува животната средина, па спротивно на член 6, член 13, член 14 и член 15 од Законот за заштита на животната средина, дозволил отпепелувањето на пепелта што се добива во процесот на производство на електрична енергија од јаглен во РЕК Битола на одлагалиштето за пепел да се спроведува без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на пепелта со јаловина со континуирано и постојано работно ангажирање на потребната механизација на одлагалиштето, се појаснува во соопштението.
И покрај тоа што Секторот за отпепелување во рамките на ПЕ Термоелектрана при РЕК Битола постојано барал ваква механизација, како директор на РЕК Битола, се подвлекува, обвинетиот не презел мерки за непречено обезбедување на механизацијата на лице место. Како резултат на тоа, на одлагалиштето во наведениот период биле одлагани големи количини непокриена пепел кои во март 2017 година достигнале површина од 50.000 м2. При воздушни струења пепелта се разлетувала во околината, со што е предизвикана опасност за животот и здравјето на вработените во РЕК Битола и луѓето кои живеат во населените места околу РЕК Битола. Имено, летечката пепел што се создава со согорување на јагленот содржи сулфур диоксид, азот диоксид и тешки метали чие вдишување предизвикува влошено респираторно и кардиоваскуларно здравје на населението кое работи и живее во близина на термоелектраните како РЕК Битола.