Од скопското обвинителство информираа дека е поднесено обвинение против таткото кој ја претепа својата 4-годишна ќерка.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје целосно ја заврши постапката, ги прибра сите докази и до Основниот суд во Скопје достави обвинение против едно лице за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 21 јуни, вршејќи насилство во семејниот дом во населба Драчево, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка родена во 2021 година, информираа од Обвинителството.
Оттаму споделија детали за тоа како насилниот татко го повредил детето.
-Додека мајката приготвувала јадење, а оштетеното дете си играло со нејзините сестри, во еден момент се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките. На тоа обвинетиот се вознемирил и започнал да му се обраќа на детето со груби навреди. Потоа започнал да манифестира и физички насилно однесување кон оштетеното дете, удирајќи ја ќерката со шлаканици по лицето. На тој начин и нанел телесни повреди – набиеници и гребаници со крвни подливи, а продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие.
Бидејќи се уште постојат законските основи и околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител со обвинението поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, информираа од Обвинителството.