Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против анестезиологот кој во тамошната болница снимаше пациентки и видеото го објави на Тик-ток. Анестезиологот се товари за несовесно работење во службата, како и за неовластено снимање.
„Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“, соопшти обвинителството.
Оттаму бараат продолжување на мерката притвор за анестезиолог, кој е суспендиран од работа, а Лекарската комора веќе отпочна постапка за одземање на лиценцата поради кршење на етичкиот кодекс на лекарите.