Поднесено обвинение против Палчо за објавување на документи од УБК, денешна АНБ

by fokus

Скопското обвинителство денеска поднесе обвинителен предлог против Љупчо Палевски -Палчо за продолжено кривично дело оддавање службена тајна. Обвинителството го товари дека објавувал документи од УБК.

-Во повеќе наврати во текот на јули 2020 година во Скопје, обвинетиот, на возраст од 56 години, ѝ сторил достапни на јавноста документи од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, сегашна Агенција за национална безбедност, до кои дошол на незаконит начин. Документите биле класифицирани како службена тајна со степен на доверливост ‘строго доверливо’ и се однесувале на оперативно истражување на УБК“, велат од ОЈО Скопје.

Обвинителството наведува дека на 7 јули 2020 на прес-конференција тој презентирал фотокопии од делови од работна верзија на извештај од разговор со лице соработник на УБК и една службена белешка. Во наредните денови, пак, на 8, 9 и 12 јули лани на Фејсбук тој продолжил да објавува делови од класифицирани документи, меѓу кои и транскрипти од разговори со цели на тогашната УБК.

Обвинителството не откри дека Палевски е обвинетиот, туку тој самиот се огласи на социјалната мрежа фејсбук.

„Ја признавате содржината на службената тајна, а содржината е прислушување на сите активисти на ’Бојкотирам‘. Овој пат од што сте во паника и сте раскрадени по цел ден не можете никого веќе никого да исплашите, а мене воопшто“, вели Палевски, во еден дел од видеото, преполно со навреди кон обвинители и премиерот Зоран Заев.

Поврзани новости