Управата за финансова полиција до Обвинителството за организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски, и против сопственикот на фирмата „Секјуриком мултисервис интернационал“. Доневски и второпријавениот се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување и соизвршителство, информираа денеска од Финансова.
Како што рекоа од таму, вчера бил извршен претрес на неколку локации при што било утврдено дека постои финансиска документација која претходно во предистражната постапка не им била дадена на инспектори од управата.
При извршениот претрес одземени се електронски уреди, неколку усб-ња и едно патничко возило.
-Првопријавениот со пречекорување на своите овластувања иницирал постапка за јавна набавка. За да избегне обврска да побара согласност од Советот за јавни набавки, испратил овластува за огласот за јавна набавка до седум економски оператори – изјавија денеска од Управата.
Спорно е тоа што, четири од овие економски оператори биле во сопственост на второпријавениот, додека две друштва претходно соработувале со „Секјуриком мултисервис интернационал“.
Од седумте оператори биле добиени седум одговори за заинтересираност, но потоа била поднесена само една понуда од „Секјуриком“.
-Пријавените склучиле договор за извршување на услуги од 31.08.2015. Спротивно на законот за јавни набавки оформиле неделива постапка која опфаќа пет дејности кои не се меѓусебно поврзани, од одржување хигиена, до дактилографски услуги со намера да се елиминира конкуренција и да се избегне електронска аукција која овозможуива намалување на услугите. „Секјуриком“ на овој начин се стекнало со пртотивправна имотна корист од 660 милиони денари – изјавија од Управата.