Предметен јавен обвинител кој постапува во предметот познат во јавноста под кодно име „Феникс“ до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против пет лица на кои им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од кривично дело од член 273 од Кривичниот законик. Со Обвинителниот акт е поднесен и Обвинителен предлог против шест правни лица обвинети за истото кривично дело.
„Според опишаните дејствија во диспозитивот на обвинението, во временскиот период од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, првообвинетиот за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело и дека со нив создава нови приноси, како организатор, создал група што се занимава со перење на пари. Членови на групата меѓу другите станале и останатите четворица обвинети. Во состав на групата делувале и обвинетите правни лица меѓусебно капитално, персонално и финансиски поврзани. Во пет од обвинетите правни лица првообвинетиот се јавува како вистински сопственик, косопственик или управител. Преку поврзано и заедничко делување на членовите на групата со други домашни и странски физички и правни лица, обвинетите правни лица и нивните управители, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Република Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Потоа со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот во државава и во странство и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија“ велат од Обвинителство.
Оттаму информираат дека „имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, карактерот на истото, како и видот и висината на предвидената казна за кривичното дело што им се става на товар, на тројца обвинети им беше определена мерка куќен притвор. Досега прибавените докази укажуваат дека групата делувала преку формирање на правни лица во странство, реализирање банкарски трансакции од и кон странски држави и купување на имоти во странство, од што пак несомнено произлегува околноста дека доколку се дадат во бегство ќе имаат и материјални, финансиски и логистички можности да останат недостапни на органите на прогонот подолг временски период или целосно да ја одбегнат кривичната одговорност. Заради ваквите околности предметниот обвинител со обвинителниот акт предложи продолжување на мерката куќен притвор за три лица и мерка на претпазливост – Обврска да се јавува еднаш неделно кај определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје за едно лице кое во моментот на поднесување на обвинението се брани од слобода со определена гаранција и за која обвинителството смета дека не е доволна да обезбеди негово непречено присуство во текот на кривичната постапка“.