Поднесен обвинителен акт против двајца странски државјани за криумчарење на мигранти

by fokus

Против две лица по потекло од Гана е поднесен обвинителен акт поради криумчарење со мигранти а поднесен е предлог за продолжување на притворот, информираат од ОЈО.

„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвинителен акт против две лица. На првообвинетиот германски државјанин и второобвинетата државјанка на Р.Италија, двајцата по потекло од Република Гана, им се става на товар дека како соизвршители сториле кривично дело Криумчарење на мигранти предвидено и казниво по член 418- б став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Тие од користољубие заедно, по претходен договор илегално пренеле мигранти преку нашата државна граница.

На 5 јануари годинава, обвинетите со намера илегално да пренесат тројца мигранти се упатиле со патничко моторно возило со германски регистарски таблички во Р.Грција. За непречено поминување, за мигрантите обезбедиле јавни исправи – лични карти од Европска Унија и им ги дале на рака. На граничниот премин „Богородица“ при контрола од страна на полициски службеник мигрантите се легитимирале со холандска, шведска и германска лична карта. Тројцата мигранти кои исто така потекнуваат од Гана, платиле вкупно 500 евра за патни трошоци, а според договорот остатокот од по 1000 евра од лице требало да го исплатат по пристигнување на крајната дестинација – Р. Австрија.

Ценејќи дека сеуште постојат основи, надлежниот обвинител со Обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети“, велат од ОЈО.

Поврзани новости