193
Во текот на изминатиов викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа отпад од диви депонии во повеќе скопски општини.
Отстранети се вкупно 50 кубни метри отпад лоцирани на улиците Скупи и Московска – во скопската општина Карпош, улицата Никола Пушкаров (во близина на старата општина) – во општината Ѓорче Петров, како и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) – во општината Чаир.
Во тек е и акцијата за собирање кабаст отпад што во моментов се одвива во општината Кисела Вода, додека од 21.08.2024 година акцијата ќе продолжи во општината Аеродром, каде што на четири локации ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе постави специјални садови во коишто жителите на оваа скопска општина ќе можат да го одлагаат својот кабаст отпад.