Подготвителната седница за Законот за јазици ќе се одржи од 19 до 21 март, вели претседателот на Уставниот суд

by Fokus

Подготвителната седница за Законот за јазици се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Toj додаде дека судот утре ќе има редовен работен состанок на кој ќе се утврдува листата на учесници и спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон.

„Очекувам утре да бидат утврдени и спорните правни прашања и листата на учесници. Имаме предлог за листата од судијата известител, но и секој од судиите е слободен да дава дополнителни предлози“,рече тој.

Костадиновски кажа дека до Венецијанската комисија испратено е писмо, а добиен е повратен одговор дека пријателскиот совет ќе биде усвоен на седницата на 14 или 15 март.

„Тоа значи дека подготвителната седница може да се одржи веднаш штом на 14 или 15 март се усвои пријателскиот совет. Тоа ќе биде објавено јавно на 17 или 18 март. Побаран е претставник од Венецијанската комисија да дојде и на подготвителната седница да го образложи пријателскиот совет. Моите очекувања се дека во тие денови од 19 до 21 ќе биде одржана подготвителната седница“,вели Костадиновски.

На листата на учесници на седницата што ја предложил судијата известител се предложени повеќе од 20 имиња, како експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.

Костадиновски не ги кажа нивните имиња, нагласувајќи дека не е соодветно да шпекулира во оваа фаза.

Поврзани новости