Државниот врв се подготвува за прослава на 2 Август и одбележувањето на Илинден.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заеднички ќе го посетат манастирот Прохор Пчински, за да ја одбележат 80-годишнината од одржувањето на првото заседание на АСНОМ.
Програмата вклучува посета на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, каде ќе има обраќање, и посета на манастирот Св. Прохор Пчински.
Одбележување на 121 година од Илинденското востание ќе има на Мечкин камен, каде владината делегација на 2 Август ќе ја предводи македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Во Скопје, Денот на Републиката ќе се одбележи со манифестација на тврдината Кале, каде обраќање ќе има претседателот на Собранието на Македонија Африм Гаши.
Засега не е познато каде лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ќе присуствува и ќе се обрати по повод празникот.