На следната седница на Советот на Општина Велес, на дневен ред е точка за оттуѓување на земјиште околу Езерото Младост над самиот асфалтен пат, објави советникот на Левица Игор Смилев, истакнувајќи дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ планираат да ја изгласаат оваа точка, со што, според него, се овозможува приватизација на атрактивно земјиште.
„Се работи за супер атрактивен општински имот кој ќе го купат луѓе кои имаат многу пари. Класика. Приказна која ја читаме и ја живееме како реалност во последните 30 години. И тука не гледам проблем. Идеологијата на светото тројство ДПМНЕ/ДУИ/СДС е таа. Поданици на парите, бизнисот и профитот. Ќе си го продадете општинскиот имот за грст златници“, напиша Смилев на фејсбук.
Тој потсетува дека за време на предизборната кампања биле давани ветувања дека нема повеќе да се дозволи понатамошно урбано уништување на езерото.
„Едноставно, се згрозивте од глетката наспроти вас. Три месеци после тоа (31 јануари) ве згрозува или ве зачудува ставот на Левица за референдум по ова прашање. Нашите универзуми се сурово различни. Со различни очи гледаме на светот. Се ќе помине, другари мои“, напиша Смилев.