Со газење на дневниот весник Информер, кој бил поставен како патека, претставниците на невладината Удар, претставници од граѓанскиот сектор и од политичките партии одговорија на текстовите објавени против директорката на МАНС Вања Чаловиќ.
Како што веќе објавивме, во последниов период Информер почна да спроведува масовна анти-кампања против Чаловиќ, првиот човек за борба против корупцијата во Црна Гора, која ги откри најголемите корупциски афери во државата. Весникот, во серија, на насловните страници објавуваше фотографии и снимки на жена која е вклучена во интимен однос со куче и бараше од читателите и од надлежните да препознаат дали е тоа всушност претседателката на МАНС.
Протестите од невладиниот сектор беа организирани пред зградата на Обвинителството, а стотината учесници, преку патека направена од изданијата на Информер, прошетаа до зградата на Владата, објавува црногорскиот Вјести онлајн.
„Излеговме тука бидејќи нападот врз Вања е напад врз сите нас. И покрај тоа, треба да се забележи дека во порастот на бескрупулозноста се крие страв, паника и патологија на власта“, рече универзитетскиот професор Милан Поповиќ.
Протестите продолжуваат и денеска.
Вања Чаловиќ е можеби еден од последните борци за човекови права во Црна Гора која пркоси на политиката на премиерот Мило Џукановиќ. Нејзината организација објави бројни афери, а последната, наречена „Снимка“ беа докази за продавање лични карти во пресрет на локалните избори.