Националното координативно тело за инфективни болести во Црна Гора (НКТ) донесе нови мерки, според кои, од денеска па во наредните седум дена во Подгорица задолжително е да се носат маски на затворено, но и на отворено.
Најголем број од заразените со Ковид-19 се регистрирани во главниот град на земјата, а новата мерка важи и за деца постари од седум години, пренесува подгоричкиот портал „Вијести“.
Според новите мерки, можно е да се соберат најмногу 40 лица на отворени јавни места, а до 20 лица на затворени, а корегирани се и мерките за угостителите, така што максимум двајца гости ќе можат да седат на маса во објектот, а до четворица на терасата.
Како што се наведува, не е дозволено собирање на шанкот.
По едно лице на 10 квадратни метри ќе може да престојува во спортските сали и фитнес центри, но не повеќе од 20 лица истовремено.
Маските се задолжителни за вработените и патниците во јавниот превоз, за време на транспорт на вработени во возила за сопствени потреби, како и за возачите и патниците во патничко моторно возило, освен за членови на исто семејство.