Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на Црна Гора, се одржа бизнис форумот на стопанствениците од двете земји. Потпретседателот на Стопанската комора на Црна Гора, Павле Д. Радовановиќ, истакна дека бизнис форумот е организиран со цел согледување на можностите за унапредување и подобрување на економските односи помеѓу двете земји, запознавање на стопанствениците од Северна Македонија со бизнис можностите во Црна Гора, како и дирекно поврзување на двете земји.
Потпретседателот Радовановиќ направи краток осврт на развојот на црногорската економија од обновувањето на државната независност, предизвиците со кои се соочуваат за време на пандемијата и последната криза поради руско – украинските воени дејствија. Според него, санирањето на ранливоста на економскиот систем на Црна Гора треба да биде придружен со структурни реформи за да се обезбеди одржлив економски развој.
Инвестициите во зелена енергија, односно хидро, сончевата и ветерната енергија ќе овозможат поодржливо управување со животната средина и природните ресурси, како и искористување на средствата од Зелениот договор на ЕУ. Република Црна Гора не е енергетски зависна држава и располага со сопствена електрична енергија која во овие моменти создава и вишоци.
Органското земјоделство, прехранбената индустрија, шумарството и преработката на дрво, здравствениот туризам во текот на целата година и дигиталната трансформација на општеството, даваат можности за понатамошна диверзификација на економијата и влез на меѓународниот пазар. Развојот и инвестирањето во споменатите гранки би значело валоризација на компаративните предности, како и економски оправдано, и одржливо искористување на природните ресурси со кои располагаме – изјави потпретседателот на Комората.
Потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Анета Трајковска ја истакна потребата од брзо и ефикасно дејствување во услови на неизвесност и непредвидливост што ги носи мулти кризата. Затоа, нашето регионално економско поврзување е од особено значење. Ако се погледне трговската размена од 2019 година, годината пред пандемијата, кога и беше организиран и претходниот економскиот бизнис форум помеѓу двете држави, може да се заклучи дека пораката пратена од тој економски форум за зголемување на трговската размена е реализирана. Имено, во 2021 година, вкупната трговска размена во однос на 2019 година, е зголемена за повеќе од 8%, извозот на РСМ во Црна Гора е зголемен за 10%, а суфицитот е зголемен за 5,5%. Значи, успеавме во 2021 година која беше година на пандемијата, да забележиме раст на меѓусебната трговија Но, овие бројки сѐ уште многу мали, имајќи ги предвид можностите што можеме заедно да ги реализираме – потенцираше Трајковска.
Црна Гора е 34-ти трговски партнер на Република Северна Македонија, во структурата на извозот најмногу се застапени производи од месо, фармацевската индустрија, виното од свежо грозје и конзервиран зеленчук, а во увозот најзастапени се обработеното дрво и струганици, отпадоци и остатоци од дрво и увоз на производи од месо. Според Трајковска, мора да се најде начин заеднички да се надгради додадената вредност на производите и услугите на ниво на целиот Западен Балкан и да се интензивира регионалната соработка. Во таа насока, потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија ја истакна важноста и придобивките од Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан во поврзувањето на економиите, спроведувањето на заеднички проекти во создавањето на единствен регионален пазар и улогата на коморите од овие земји на тој пат.
Од бизнис средбата беше испратена заедничка порака дека предуслов за зголемување на економска соработка е и квалитетно сообраќајно поврзување за олеснување на транспортот на луѓе и стоки, односно интензивирање на активностите на двете држави на тој план.
Бизнис форумот заврши со билатерални разговори помеѓу македонските и црногорските стопанственици од повеќе сектори.
ПР текст