Партијата на обединети демократи на Македонија на Живко Јанкуловски повикува владата да биде транспарентна и отворена во однос на најважните национални прашања, како што е законот за јазици и односите со соседите, односно спорот со името.
„Очигледно е дека Законот за јазици ја ниша владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ. Да не дозволиме тоа нишање да ја разниша и стабилноста и перспективата на Република Македонија. Доста е со уцени. Да не дозволиме теснопартиски интереси и уцени да ја одредуваат судбината на граѓаните на Македонија. Таа коалиција на СДСМ и ДУИ треба да е отворена и за албанските партии. Но, тие треба да покажат дека ѝ мислат добро на Македонија, а не секое коалицирање да го користат за остварување на цели кои не се во заеднички интерес на сите граѓани на Република Македонија, без оглед на која етничка група припаѓаат. Приоритет за Македонија е влезот во Европа, а не донесување на закони кои не подлежат на европско знаме, но се наметнуваат и го блокираат Собранието кое треба да ги донесе вистинските европски закони“, велат од ПОДЕМ.
Од оваа партија повикуваат да се размисли за национална коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по примерот на Германија, што, според ПОДЕМ, ќе овозможи и одржување на долго бараниот попис.