Демократско движење“ ќе биде именувана партијата на поранешниот потпретседател и пратеник на Демократската унија за интеграција (ДУИ) – Изет Меџити, која ќе ја промовира на 13 август, на денот на потпишувањето на Охридскиот договор. Истиот ден под покривителство на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, традиционално се организираат настани за одбележување на годишнината од овој договор.
Иако, Меџити сè уште не го започна своето политичко патување, на половина пат му избегале од друштво, двајца пријатели, „бунтовниците“ од „Огнената група“, Муса Џафери и организациониот секретар на ДУИ и градоначалник на општина Сарај – Блерим Беџети.
Но, тоа не го спречи Меџити да најде друг „чадор“ за да влезе заедно со неговата сè уште неформирана партија, со Движењето БЕСА и Алтернатива. Тој дури веднаш по објавувањето на иницијативата за формирање на новата партија одржал средба со Билал Касами и Африм Гаши, а како што велат упатени партиски извори за Фронтлајн, се договориле да формираат заеднички опозициски фронт.
Од друга страна, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, веќе подолго време се залага за „Фронтот за Европа“ кој ќе работи на одобрување на уставните измени и потоа за заеднички коалициски изборен настап.
Партиски извори за Фронтлајн велат дека една од идеите на Али Ахмети е на претстојните избори да се вклучат во „Фронтот за Европа“ сите партии од владината коалиција, како и граѓанскиот сектор кои делеле заеднички европски вредности со оваа стратешка цел на државата.
Другата опција е „Фронтот за Европа“ да се натпреварува на избори без СДСМ за да се зачува „интересот“, како што велат партиски извори, на оваа партија наспроти екстремната десница, кај македонското гласачко тело, а во неа да се вклучат ДУИ, Алијанса, ЛДП, НСДП.., и граѓанскиот сектор.
Лидерот на Алијансата за Албанците – Арбен Таравари во интервју за ЦИВИЛ Медиа меѓудругото зборуваше и за иницијативата на Али Ахмет – „Фронт за Европа“. Тој вели дека идејата повеќе партии да се здружат и да соработуваат не е лоша, само треба да се анализираат одредени околности.
„Доколку е веројатно таквата опција да помине и да биде прифатена од граѓаните, може и да се размислува, но ако си наштетиме ако влеземе во таква коалиција, тогаш мислам дека не вреди, подобро е за секој да влезе сам или во други комбинации и потоа да види по бројот на освоени пратеници како ќе се делува …“,, потенцира Таравари.
Извор: Frontline
Дестан Јонузи