Поделба во Алијанса: Кој застана зад Таравари, а кој зад двоецот Лога-Села?

by Фокус

Откако лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари повика на изборна соработка со албанската опозиција, доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити и пратеникот Халил Снопче, кои го споделија неговиот фејсбук статус.

„Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија. Како претседател на Алијанса за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена“, повика Таравари.

Кон тоа реагираа генералниот секретар и министер за правда Кренар Лога и поранешниот лидер и актуелен претседател на партиското Собрание Зијадин Села, кои рекоа дека партијата донела едногласна одлука за самостоен настап, а Таравари на своја рака изразил став надвор од партискиот статут.

Меѓу оние што застанаа зад двоецот Лога-Села, пак, е партискиот потпретседател Елми Азири, кој напиша:

„Чудна комуникација на партискиот лидер со партиските тела преку социјалните мрежи! Партиските тела се избираат легитимно! Суспендирањето од социјалните медиуми не му служи на духот на Алијансата што го изгради. Коалициските понуди сè уште не пристигнаа во партиските органи! Единствената одлука на раководството на партијата е Алијансата да излезе сама на избори“.

На иста линија е и пратеничката Илире Даути.

„Не, благодарам! Слободата на одлучување на членството не ја заменуваме со ништо. Предлозите се доставуваат до Претседателството и таму се носат одлуки, па доколку поминат се проследуваат до Централното собрание. Единствениот предлог што помина на Претседателството, за кој вие самите гласавте е: Алијанса за Албанците сами да излезат на избори. Толку зборувавте за демократија и против диктатура, вечерва го направивте спротивното. Да ја зачуваме Алијансата за Албанците и нашите вредности кои ги градевме со години“, порача Даути.

Меѓутоа, Таравари доби јавна поддршка од поранешниот пратеник Гариб Каба, кој доаѓа од струшкиот регион, исто како и Села.

„Почнувајќи од фактот дека сум еден од првите иницијатори на нашиот политички ентитет, Алијансата за Албанците и имајќи на ум многу аргументи кои ја рушат секоја друга варијанта за да опстане политички како здрав ентитет, изразувам безрезервна поддршка на партискиот лидер Арбен Таравари, со најавениот јавен став, да даде поддршка на опозицискиот фронт, да се донесе долгоочекуваната промена на политичката сцена, во внатрешноста на албанскиот камп“.

Поврзани новости