Поддршката на ЕУ за владеењето на правото на Западен Балкан не дава резултати

by Fokus

Европскиот ревизорски суд денеска објави извештај за помошта на ЕУ во областа на владеењето на правото за земјите од Западниот Балкан и заклучува дека резултатите не се задоволителни, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ревизорскиот суд потсетува дека меѓу 2014 и 2020 пружена е помош во износ од 700 милиони евра за шесте земји од регионот во областа на владеењето на правото.

-Делувањето на ЕУ имаше мало влијание во унапредувањето на темелните реформи во владеењето на правото на Западен Балкан, се наведува во извештајот на Европскиот ревизорски суд според кој некои технички реформи се спроведени, но “во контекст на недоволна политичка волја и недостаток на посветеност, поддршката на ЕУ беше недоволна за справување со долготрајните проблеми во области како независност на судството, концентрација на моќта, политичко мешање и корупција“.

Целта на ревизорскиот суд е да утврди дали вложените средства ја исполниле целта. Одговорот е негативен.

Ревизорите нагласуваат дека мерките за решавање на слабиот административен капацитет во земјите и слабата политичка волја се “премалку и често неефикасни“.

Се критикува исто така неконзистентното применување на предусловите за финансирање на проекти и фактот што ЕУ речиси воопшто не ја користи можност за суспендирање на фондови кога се соочува со нарушување на основни начела како демократијата, човековите права и владеењето на правото. Ревизорскиот суд на ЕУ истакнува дека е недоволна и поддршката за граѓанското општество со кое најчесто се работи врз основа на проекти на краток рок.

-Скромниот напредок направен во последните 20 години ја загрозува целокупната одржливост на поддршката на ЕУ која се дава во рамките на пристапниот процес. Постојаните реформи губат кредибилитет ако не испорачуваат опипливи резултати, изјави Јухан Партс од ревизорскиот суд на ЕУ.

Ревизорите порачуваат дека ЕУ не се фокусира доволно на суштината на реформите, туку се фокусира на количината.

Судот од своја страна се сконцентрира на перформансот во земјите од Западен Балкан и нивните наоди покажуваат дека владеењето на правото бележи премал напред во последните 20 години и покрај финансиската и политичката поддршка од ЕУ.

Главни проблеми остануваат недоволната независност на судството, борбата против корупцијата и слободата на изразување. Ревизорите препорачуваат Европската комисија да ги зајакне своите механизми за поттикнување на реформите во областа на владеењето на правото и да ја зголеми својата поддршка за граѓанското општество и независните медиуми.

Поврзани новости