Поддршка на иновациите преку бизнис-ангелите: клуч за економски раст

by Fokus

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески учествуваше во панел дискусија на меѓународната конференција „Бизнис-ангелите и претприемачки екосистем во Северна Македонија, можности и предизвици“ организирана од Министерството за економија и труд.

Азески беше говорник на првиот панел за дискусија на тема „Идентификување на потребите на политиките за зголемување на инвестиции на ангелите во Северна Македонија“, каде ја истакна важноста од поддршка на иновативните политики и развојот на претприемништвото како главни двигатели на економскиот раст. Тој нагласи дека за постигнување на одржлив просперитет, државата треба да создаде претприемачки екосистем кој ќе го олесни финансирањето на иновативните бизниси, со особен фокус на улогата на бизнис-ангелите.

Азески го нагласи значењето на стопанските комори во едукацијата на компаниите и поединците за можностите што ги нудат ангелските инвестиции. Со тоа, тие ќе придонесат за забрзување на економските текови и унапредување на иновациите. Исто така, според искуството на европските земји, потребни се и дополнителни даночни и правни олеснувања за да се стимулираат бизнис-ангелите да инвестираат во ризични, но иновативни компании.

Улогата на бизнис-ангелите е од суштинско значење, бидејќи во многу земји, тие претставуваат втор по големина извор на надворешно финансирање во компании кои отпочнуваат со работа, а имаат високо-ризични бизнис идеи. Тие се многу важни како обезбедувачи на ризичен капитал и придонесуваат за економскиот раст и технолошкиот напредок.

Нивната улога не е само во обезбедување капитал, туку и во пренесување на искуство и создавање партнерства, што е од особена важност за малите и старт-ап бизнисите. Тие претставуваат алтернативен извор на финансии кои овозможуваат реализација на иновативни, но ризични идеи, за кои банкарските инструменти не се секогаш достапни.

Поврзани новости