Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ во кој 12 домашни пејачи изведуваат 12 преработки на патриотски песни, а зад кој стои Бојана Скендеровски и нејзината продукција „Скендеровски“, најави уште три нови обработки на познати нумери.
Една од нив е „Молитва“ на авторот Миле Барбаровски, која е една од најпознатите песни од репертоарот на Виолета Томовска. Антологиската песна досега има неколку преработки, помеѓу кои онаа на „Ај кју“ и на дуото Александар и Дац.
За преработките на „Македонијо, во срце те носиме“ пак, задолжен е Николче Мицевски. Сите патриотски песни ќе бидат изведени на седми декември во Филхармонијата, а ќе настапат Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски.
Проектот започна пред две години и има 18 концерти низ градовите во земјава, како и еден во дијаспората.
– Нека расте о, Боже родот убав мој! Најголемиот благослов е да пееш со вакви ангели! Ви ја подаруваме оваа а capella изведба на „Молитва”… и повторно се заблагодарувам на Миле Барбаровски за ова вонвременско дело.
Ви подаруваме момент на емоции и искреност, не користевме никакви постпродукциски технологии, ова што го гледате и слушате сме јас и прекрасниот училиштен хор и мандолинскиот оркестар на училиштето „Григор Прличев“ и нивната неуморна и прекрасна наставничка Елена Владева-Апостолов, која толку умно ги храни овие детски глави со македонска музика!
На концертот со нашиот проект „Македонијо во срце те носиме“ на 7-ми декември оваа композиција ќе ја чуете со големиот симфониски оркестар, вели Бојана.
Водител ќе биде Дејан Лилиќ, а влезниците по цени од 1.000 и 1.400 денари се пуштени во продажба. Од „Скендеровски Продукција“ информираат дека сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Вики Клинчарова