Дел од актерите кои беа номинирани за Оскар на вчерашното 94-то издание на популарната манифестација, традиционално ги добија подарок торбичките кои се вредни по 140.000 долари.
Станува збор за скапи подароци кои годинава им беа поделени на 28 актери, како и на три ТВ водителки.
Во таканаречените подарок торбички има скапа козметика, ваучери за липосукција, часови кај познати фитнес тренери, реновирање на дом вредно 25.000 долари, како и ваучер за тридневен престој во дворец во Шкотска, вреден 50.000 долари.
Но, гестот со подароците ја разгневи јавноста и Твитер заедницата, па наградените актери добија низа на критики, бидејќи наместо само да објавуваат апели за мир и да повикуваат на солидарност со украинскиот народ, можеле конкретно да помогнат откажувајќи се од подароците, а парите да ги донираат за помош на Украина.
-Додека богата елита се смешка и добива подароци од 140.000 долари, дали се запрашува на колку деца кои се бездомници може да им се помогне со тие пари? Колку луѓе од Украина се раселени, и колку овие средства би им биле од помош на хуманитарните организации? Навистина не разбираме зошто номинираните актери добиваат толку скапи подароци – се реакциите на социјалните мрежи.
Во минатото, познато е дека актерката Скарлет Јохансон се откажа од својот подарок, кога пред две години беше номинирана за Оскар, а средствата ги донираше на организација за заштита на животните.
Вики Клинчарова