Под закрила на градоначалникот на Новаци, Македонија доби летен фолк хит!

by Fokus
Под покорвителство на градоначалникот Љубе Кузмановски и Општина Новаци, Битола, Македонија доби летен фолк хит за 2020 година. Настанот на кој се избра хитот се одржа во манастирскиот комплекс Рождество на Пресвета Богородица во Новаци, во организација на Здружение за мода Пикси Студио-Новаци и ИН-ТВ продукција и сателитска телевизија.
Над 20 популарни фолк пејачи и десетина музички групи помеѓу кои Татијана Стефановска, Благица Павловска, Сани Гроздановска, Стојне Николова, Елена Јовческа, Слаѓана Регина, Силвана Крстовска, Благоја Грујовски, Марјан Коцев, Туше, Борче Наумовски, Дарко Билбиловски, Влатко Алексовски, настапија пред публиката, која гласаше за избор на хитот.
Специјални гости на фестивалот беа Анета Мицевска и Молика ONE Бенд. Од гласовите на публиката победник на овогодинашното издание на Избор на Летен Фолк Хит за 2020 година е Ташко Каранфиловски со песната ,,Сине мој”. Второто место го освои Татијана Стефановска, а на трето место од гласовите на публиката се пласираше Благојче Стојановски – Туше.
Изборот на Летен Фолк Хит за 2020 година се одржа според протоколите на Министерството за здравство за одржување на социјална дистанца, носење на заштитни маски, дезинфекција и мерење на температура на сите посетители-информира на официјалната страница градоначалникот.
За време на настанот, тој им се обрати на присутните, со порака дека и во иднина ќе ги помага културните настани од ваков тип, и додаде дека наредната година во Општина Новаци ќе биде организирано најбогато по содржини и најзабавно културно лето.
Градоначалникот Кузмановски е познат како голем поддржувач на фолк музиката. Лани манифестацијата Културно-забавно лето Новаци 2019 ја отвори со концерт на Сузана Гавазова, а од општината потврдија дека настанот привлекол повеќе посетители, отколку што во Новаци има жители.
Вики Клинчарова

Поврзани новости