Предавањето на моштите на Гоце Делчев било одобрено од Димитров и на 7 октомври 1946 година била формирана долга колона за испраќање на моштите на Делчев, а Македонците, во знак на почит, на 7, 8 и на 9 октомври, пешки го носеле ковчегот од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип до Скопје
Стојан АНДОВ
Во историската меморија на македонскиот народ, бугарскиот водач Георги Димитров останува запаметен со говорот што го одржал во бугарското народно собрание по Втората светска војна, при што истакнал:
„Во интерес на процесот на зближување и идното обединување на македонските области од двете страни, нашата партија се согласи да се воведе како задолжителен предмет официјалниот македонски јазик во пиринскиот крај.
И допушти како учители, македонски учители од Скопје, како и македонски библиотекари, да ја распространуваат литературата на македонски јазик. Тоа беше доказ дека нашата партија се однесува со најголема симпатија кон обединувањето на македонскиот народ.“ Постои и Наредба на бугарското Министерство за образование за одделно изучување на македонската од бугарската историја.
Под водство на Димитров, Бугарија официјално го признава постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Во декември 1946 година е спроведен попис во Пиринска Македонија и на Македонците им било дозволено да се изјаснат како Македонци.
На овој попис, од вкупно 252.908 жители на Пиринска Македонија, 160.541 лице се идентификувале како етнички Македонци, а 9.000 лица како Македонци во останатиот дел на Бугарија.
ПОГЛЕДИТЕ НА БУГАРСКИТЕ ЛЕВИЧАРИ
Денешната бугарска историографија, ставовите на Димитров ги поврзува со резолуцијата на Коминтерната од 1934 година и напорите за создавање балканска федерација. Но, Георги Димитров произлегува од бугарска социјалистичка средина, која секогаш на Македонија и на Македонците гледаа со симпатии и ѝ давала поддршка за решавање на македонското прашање во полза на Македонците. Постојат повеќе сведоштва за погледите на бугарските левичари за Македонците.
На 10 август 1903 година, „Женски глас“ ја објавил статијата „Македонското движење и женските благотворителни друштва Ек. Симитчиева“, во која било истакнато дека треба да „ги поканат сестрите од Србија, Романија, Црна Гора… Грција да ги помогнат и поткрепат востанатите – Македонец и Македонка.“
Понатаму се вели: „Кога ќе погледнеме на бледите страници од дејноста при најважните случувања, време е тие друштва при денешната очајна борба на Македонецот и Македонката да притекнат со својата помош, кога навистина или сега или никогаш, треба да се даде. Денешните случувања… посакуваат дела, сакаат дејност.“
На 18 април 1903 година, во Софија била организирана манифестација за одбележување на празникот на трудот од страна на работниците-социјалисти. По завршувањето на манифестацијата, пред бројниот народ се обратил Јанко Саказов „со неколку симпатични зборови за каузата на Македонецот“.
Саказов истакнал: „денес, кога меѓународниот пролетеријат го празнува под црвеното знаме својот голем ден, еден народ, угнетуван со векови, го развеал истото знаме на револуцијата – за најелементарни човечки правдини.“
Саказов предложил прифаќање на една резолуција од име на софиските работници за поддршка на боречкото население во Османлиската Империја. Предлогот бил прифатен со акламација.
Во есента 1907 година, Павел Делирадев го објавил памфлетот „Македонското прашање и социјалдемократијата“, во кој пишува за девизата „Македонија за Македонците“ и „една мала македонска држава“. Во 1897 година, Делирадев ѝ се приклучил на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработувал со Георги Димитров и заедно со него во 1904 година го формирал општиот работнички синдикат.
КОНФЛИКТОТ НА ДИМИТРОВ СО ГЕРИНГ
Георги Димитров е бугарски и советски политичар, водач на Бугарската комунистичка партија (БКП) и претседател на Коминтерната. Роден е во 1882 година, во селото Ковачевци во семејство на Македонци бегалци, но израснал во Софија.
Во 1923 година, Георги Димитров го предводел Септемвриското востание. Во 1933 година бил меѓу обвинетите во судскиот процес во Лајпциг организиран од нацистите. Неговиот конфликт со Херман Геринг во судницата е легендарен, кога нацистичкиот водач го изгуби трпението и беше исмеан од Димитров. Со своите енергични говори за време на судењето, тој се здоби со меѓународна слава, станувајќи една од најпопуларните фигури во светското комунистичко движење.
Димитров живее во Советскиот Сојуз од 1934 година, каде што беше на чело на Коминтерната. Во текот на следната деценија, соработува со Јосиф Сталин и има централна улога во координирањето на светското комунистичко движење. Во 1945 година се враќа во Бугарија и застанува на чело на државата.
По завршувањето на Втората светска војна, Македонија барала од Бугарија коските на Гоце Делчев да бидат пренесени во тогаш Народна Република Македонија за да се исполни заветот на Илинденската организација, Гоце Делчев да почива во главниот град на слободна Македонија.
Според некои извори, тоа го побарал Димитар Влахов, кој имал блиски релации со тогашниот бугарски претседател Георги Димитров. Била испратена македонска делегација во Софија да ги донесе коските на Гоце и да ја оствари заветта. Македонската делегација предводена од Кирил Петрушев, тогашниот министер за внатрешни работи, имала задача да ги донесе моштите на Делчев и литература од Институтот за национална историја што Илинденците го имале во Софија.
Македонската делегација била многу добро примена од илинденците, централниот комитет на комунисти на Бугарија и од други организации. Во Софија била прифатена идејата, бил потпишан документ, а бил организиран и банкет. Свечено биле предадени моштите на Гоце Делчев од Илинденската организација на делегацијата на НР Македонија.
„СМРТ ИЛИ СЛОБОДА“
Предавањето на моштите на Гоце Делчев било одобрено од Димитров и на 7 октомври 1946 година во Софија почнала траорната церемонија – пренесување на посмртните останки на големиот син на македонскиот народ Гоце Делчев, во Скопје, главниот град на Народна Република Македонија.
Била формирана долга колона за испраќање на моштите на Делчев, а Македонците во знак на почит, на седми, осми и на деветти октомври, пешки го носеле ковчегот од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип до Скопје.
На 10 октомври, Гоце Делчев е погребан во кругот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Точно 43 години по смртта на Делчев, во заеднички компромисен и толерантен договор меѓу македонската и бугарската власт во 1946 година, моштите на великанот Гоце Делчев се пренесени од Софија во Скопје.
Прочуениот и славниот резбар Нестор Алексиевски го изработил ковчегот во кој се пренесени коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје за 21 ден, со помош на неговиот син Миле. Копаничарот потекнувал од една од најпознатите мијачки резбарски тајфи. Најпрвин изработил цртежи како ќе изгледаат деталите изрезбани на ковчегот, а потоа преминал на нивната реализација во оревово дрво.
Ковчегот бил со димензии 0,6 х 0,6 х 0,75 метри, и лежи на четири лавовски шепи. Изрезбани се разни мотиви, од кои главниот е ликот на Гоце Делчев со ловоров венец. Претставени се и тогашните грбови на Македонија и Југославија. На задната страна стои пораката: „Смрт или слобода – Македонска револуционерна организацијa“.
Во саркофагот била вградена и лимена подлога, односно кутија, набавена од лимар во Старата скопска чаршија. Според сведоштвата, коските во сандакот биле обвиткани со црвена свила како симбол на Илинденското востание.
ГОВОРОТ НА ТОДОР ДИМИТРОВ ПАВЛОВ
По повод испраќањето на посмртните останки на Гоце Делчев во НР Македонија, на 7 октомври 1946 година била организирана свеченост во Народниот театар во Софија, при што одржал говор Тодор Димитров Павлов, кој и денес е релевантен според објективниот и научен пристап кон револуционерното дело на големиот револуционер.
Тодор Павлов е комунист, политичар и филозоф од Бугарија со македонско потекло, роден на 14 февруари 1890 година во Ново Село, Штип (тогашна Отоманска империја), во семејството на учителот Димитар Павлов Грозданов. Во 1914 година дипломирал на Софискиот универзитет – Филозофија и Педагогија. Во секуларните кругови е познат како еден од главните поборници на теоријата на рефлексија.
Павлов бил еден од тројцата регенти на Кралството Бугарија во периодот 1944-1946 година. На 9 септември 1944 година, со одлука на НК на патриотскиот фронт и декрет на владата бил назначен за регент на Кралството Бугарија. Како регент, тој ги користел сите права што се застапуваат во Уставот на Трново, вклучувајќи го и назначувањето и разрешувањето на високиот команден штаб на армијата.
Бил член на ЦК на БКП и на Политбирото на БКП, двапати член на Президиумот на Народното собрание, претседател на Бугарската академија на науките (БАН), директор на Институтот за филозофија при БАН, почесен претседател на Сојузот на бугарските писатели и професор на Софискиот универзитет.
По нападот во црквата „Света недела“ на 16 април 1925 година, бил уапсен и осуден на 12 години затвор. Во јануари 1945 година бил избран за почесен претседател на Македонскиот научен институт заедно со Димитар Влахов. Учествувал во пишувањето на „Македонска мисла“ и ги бранел пројугословенските и промакедонските идеи.