Под слоганот „Напрај се Василичар“ денеска почнува Вевчанскиот карневал, на кој се најавуваат над 1.000 маски и богата програма со културно – забавни содржини. Организаторите на карневалот очекуваат голем број посетители, напоменувајќи дека голем дел од туристичките капацитети во околината веќе се полни.
-Вевчани е веќе полно со туристи, сите капацитети во и околината се веќе полни. Вевчанци и посетителите со нетрпение чекаат да ги видат маските кои се подготвуваат 365 дена, а многумина ги прават и последните подготовки за да се приклучат на уличниот театар и да го заиграат Василичарското оро, велат организаторите ка карневалот.
Општината како организатор, под покровителство на Министерството за култура, е подготвена да ги пречека гостите од земјава и од странство. Сепак, најголем број на посетители, домаќините очекуваат утре на 13 јануари, кога ќе се одржи главното дефиле на маските во центарот на Вевчани.
Забавната програма денеска ќе започне од 19:00 часот, а утре музичката програма започнува во 21:00 часот. Вторник, 14 јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.
Програмата за Вевчански карневал за 2020 покрај традиционалните обреди вклучува и неколку новитети. Преку кулинарското шоу, Бранко Попоски, food blogger кој стои зад проектот Cooking with Branko, ќе ги запознае гостите со кујната карактеристична за овој крај.
За музичкиот дел ќе се погрижат македонски изведувачи од различни жанрови како македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers, DJ Todoroff, македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска, а по барање на публиката, општината се погрижи да ја донесе музичката ѕвезда, Влатко Лозаноски.
Организаторите и годинава најавуваат многу смеа, игра, театар и маски, кои ќе го привлечат вниманието на јавноста задржувајќи ја својата уникатност и архаичност.